14 јануари, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАКога ли ќе пукне балонот?

Кога ли ќе пукне балонот?

Трендот на поскапување на становите никако да запре. Во последните три месеци од годинава цената на становите во земјава е зголемена за над 10 отсто. Градежниците остануваат на ставот дека додека има купувачи цената нема да запре да се зголемува.

Синдикатот од оваа гранка вели дека доколку има политичка волја би можело да има корекција на цената. Веќе од владата најавија дека ќе им направат конкуренција на градежниците со градење на државни или општествени станови.

Податоците на Народната банка во последниот квартал од 2024 година велат дека цената на становите пораснала за 10,6%. Ова е континуиран раст на цената која трае повеќе од една година. Според официујалните бројки, од јануари до март растот изнесуваше 4,6%, во вториот квартал зголемување на цената на становите од 11,5%, а во третото тромесечие 8%. Новоизградените станови или оние кои се во самиот финиш достигнуваат цена во центарот на Скопје и до фантастични три илјади евра. Инаку, просечната цена на квадратен метар лани изнесувала 1 700 евра. Во декември просечната цена на становите во општина Центар изнесувала 2000 евра, во Карпош 1.850, а во Аеродром 1.700 евра.

Градежниците се на став дека можно е само стабилизација на цената која се најавуваше за до крајот на ланската година. Но тоа не се случи. Нивниот став е познат доколку има побарувачка цената нема да престане да се зголемува.

Синдикатите од градежниот сектор пак се на став дека доколку има политичка волја може цената да се намали за дури 40 отсто. Од ССМ гарантираат дека трошоците на градежниците не им се зголемени за 40 отсто за толку да биде зголемена цената од пред пандемијата. Затоа тврдат дека има и тоа како простор за намалување на цената на станбениот квадратен метар.

Од друга страна од Владата веќе најавија дека ќе се обидат и тие да направат притисок врз цената на становите, односно да ги натераат градежниците за корекција на цената која ќе биде во корист на граѓаните. Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, започна со изградба на згради со што надлежните сметаат дека со тој потег сериозно ќе се регулира пазарот на недвижности.

„Станбениот квадрат и во Битола и во Охрид и во Штип и во Скопје отиде многу високо и она што можам да го најавам е за овие 65 станови кои што ќе се изградат тука исто така ќе има и седум деловни простории како и 100 паркинг места, цената ќе биде за 30 до 40 проценти поевтина од она што е пазар во моментов во Битола, со што мислам дека ќе ставиме крај на уцените кои што ги прават градежниците со екстремно високи цени кои што не соодвестуваат на стандардот на македонските граѓани и луѓето се доведоа во ситуација да буквално се иселуваат од државата затоа што не можат да си дозволат да купат стан или куќа и ова е само прв чекор“, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николовски.

Цената на становите започна да се зголемува во екот на пандемијата. Пред три години, односно во 2022 година цената за неколку месеци се зголеми за речиси 25 отсто.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП