Изминатата година донесе одредени позитивни промени во македонската економија, но експертите предупредуваат дека тоа е недоволно за да се забрза процесот на приближување кон развиените земји.
Иако инфлацијата се стабилизира, а каматните стапки почнаа да паѓаат, и натаму остануваат сериозни предизвици кои бараат посветеност и системски решенија.
Инфлација и каматни стапки: позитивен тренд
Во текот на годината, инфлацијата забележа значителен пад од двоцифрените бројки што ги гледавме претходно.
Економистите со коишто разговаравме велат дека стабилизацијата на цените донела олеснување за домаќинствата и за бизнисите.
„Инфлацијата сега е под контрола и тоа го зголеми расположението кај потрошувачите. Паѓањето на каматните стапки, пак, создаде услови за пристап до поевтини кредити, што е клучно за малите и средни претпријатија“, забележуваат експертите.
Тие додаваат дека, иако овие трендови се охрабрувачки, земјата треба да се насочи кон одржливи решенија за да се обезбеди долгорочен економски раст.
Капиталните инвестиции и извозот како слабости
Еден од најголемите проблеми со кои се соочува економијата остануваат недоволните капитални инвестиции.
Во 2024 година, реализацијата на капиталниот буџет беше само 60%, што е алармантно за експертите.
„Недоволната реализација на капиталните проекти ги ограничува можностите за развој на инфраструктурата, што е предуслов за раст. Оваа влада мора да се фокусира на ефикасноста на трошењето на јавните средства“, предупредуваат економистите.
Освен тоа, земјата сè уште не успева да го искористи својот извозен потенцијал.
Според познавачите, неопходно е да се поддржат домашните компании во проширување на нивните пазари и да се привлечат странски инвеститори со пониски даноци и административни олеснувања.
Сивата економија и недостигот на кадар
Сивата економија е уште еден сериозен предизвик што ја поткопува финансиската стабилност на државата.
Проблемот дополнително се влошува со недостигот на квалификуван кадар, што го ограничува потенцијалот за иновации и зголемување на продуктивноста.
„Талентите од земјава заминуваат поради подобри можности во странство. Тоа создава вакуум во важни сектори како ИТ, градежништво и здравство. Решението лежи во подобра едукација, но и стимулирање на младите да останат со конкурентни плати и услови за работа“, објаснуваат економистите.
Година на предизвици и на можности
Сите показатели сугерираат дека 2025 година би можела да биде пресвртна за македонската економија.
Со правилни политики и посветеност, земјата може да го искористи моментот за трансформација.
„Доколку се вложи во инфраструктура, се намали сивата економија и се искористат европските фондови, Македонија може да го удвои својот раст во следните години“, коментираат експертите.
Оптимизмот постои, но само времето ќе покаже дали економијата ќе се избори за место на патеката на растот или ќе остане заглавена во стагнација.
Б.З.М.