Од реизборот на Доналд Трамп за претседател на Соединетите држави на почетокот на ноември 2024-та година, американската валута ја поврати силата и според експертите, можно е оваа година повторно да се изедначи со еврото, наведува германското финансиско издание „Finanzen“.
Благодарение на „црвениот бран“ во САД, каде покрај претседателството во лицето на Трамп, републиканците обезбедија мнозинство во Конгресот, индексот на доларот, кој ја мери вредноста во однос на кошницата со други валути, се искачи на своето највисоко ниво во една година. Ова е поврзано со најавените намери на Трамп за нови царини и даночни намалувања, кои најверојатно ќе ја поттикнат инфлацијата во најголемата светска економија, а потоа Федералните резерви најверојатно ќе дејствуваат повнимателно во намалувањето на каматните стапки. Повисоките каматни стапки имаат тенденција да поддржуваат валута.
Поради овие причини, многу експерти очекуваат американската валута дополнително да зајакне, пишува „CNBC“.
„Со победата на Трамп на изборите, еврото претрпе повеќе другите главни валути и се сомневаме дека тоа ќе се промени во догледна иднина“, рече Џејмс Рајли, главен економист во „Capital Economics“.
Тој предвидува дека еврото ќе достигне паритет со доларот до крајот на 2025-та година. Додека ФЕД побавно ги намалува стапките, со оглед на „економските шокови предизвикани од послабиот извоз“, ЕЦБ би можела дополнително да ја олесни монетарната политика, рече Рајли.
Не е единствениот кој го дели ова мислење. Економистите во „Barclays“ и „Goldman Sachs“ предвидуваат дека паритет може да се случи со 10 отсто американски царини за европски стоки и последователни одмазднички мерки.
Главниот економист на ЕЦБ, Филип Лејн, очекува уште едно намалување на каматните стапки. Тој веќе се залагаше за стимулирање на европската економија со дополнително намалување на каматните стапки. Со оглед на можните нови американски царини, тој во интервју за францускиот весник „Еко“ рече дека големината на проблемот ќе зависи од „до каде ќе се шири протекционизмот и колку брзо ќе бидат воведени соодветните мерки“.
Додека доларот доби поттик од реизборот на Трамп, еврото, од друга страна, е под притисок поради ескалацијата на војната во Украина. Русија, како одговор на употребата од страна на украинските сили на американски ракети со долг дострел на руска територија, ја промени својата нуклеарна доктрина и со тоа го намали прагот за употреба на нуклеарно оружје. Имајќи ги предвид овие случувања, расте побарувачката за валути за безбедно засолниште, што го поддржува доларот, истакна Џејн Фоли, шеф на валутни стратегии во „Rabobank“.
„Ако тензиите поврзани со војната во Украина продолжат, тоа има потенцијал да го забрза паритетот долар-евро“, забележува Фоли.