19 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛегална работа или социјална помош – како да ги натераме невработените да...

Легална работа или социјална помош – како да ги натераме невработените да се вработат?

Ниските плати остануваат главната пречка која го обесхрабрува домашното население да се вклучи на пазарот на трудот, алармираат економските експерти.

И додека државата сè почесто се соочува со недостиг на работна сила и со зголемена потреба од увоз на странски работници, решенијата можеби лежат во сопствените ресурси.

Но, како да се активираат невработените и да се мотивираат да работат?

Според истражувањата, ниските примања и недоволната финансиска сигурност се главните причини поради кои голем дел од луѓето одбиваат да прифатат работа.

„Ако просечната плата во некои дејности изнесува околу 30.000 денари, а трошоците за живот постојано растат, тогаш не е ни чудно што граѓаните не се мотивирани да работат. Потребни се мерки кои ќе создадат подобри услови, како и поголема плата, бидејќи така ќе го активираме домашниот трудов потенцијал“, објаснуваат аналитичарите.

Социјалната помош или ниската плата?

Покрај ниските примања, дел од економистите посочуваат на уште еден проблем – двојниот систем.

Голем дел од невработените лица се решаваат да примаат социјална помош или да работат на црно, бидејќи тоа им нуди поголема финансиска корист.

„Доколку некој зема социјална помош од 10.000 денари, а на црно дополнително заработува 25.000, тој има месечен приход од 35.000 денари. Тоа е повеќе отколку што би добил со легална минимална плата. Затоа е неопходна детална анализа на овие случаи и мерки кои ќе го сведат на минимум работењето на црно“, советуваат експертите.

Државата мора да реагира

Потребата од увоз на странска работна сила станува сè поочигледна, особено во секторите како градежништво, угостителство и текстилната индустрија.

Но, според економските анализи, со правилно насочени реформи, голем дел од празнините на пазарот на трудот може да се пополнат со домашна работна сила.

„Државата мора да направи сеопфатна анализа – колку од невработените се способни за работа, колку работат на црно и колку се мотивирани да се вратат на пазарот доколку се зголемат платите. Само така ќе можеме да го минимизираме увозот на работници и да го искористиме потенцијалот кој веќе го имаме на располагање“, потенцираат економистите.

Што мислат граѓаните?

„Работев за минимална плата три години, но кога пресметав дека со сезонска работа на црно заработувам исто, одлучив да се откажам. Ако има подобра плата и услови, со задоволство би се вратил“, вели Петар, кој сега работи како градежен работник на црно.

Од друга страна, Ана Милевска, самохрана мајка, нагласува дека платите мора да бидат повисоки за да го оправдаат трудот.

„Не е лесно да се работи по 10 часа дневно, а да не можеш да врзеш крај со крај. Работодавците мора да ја разберат вредноста на трудот и да понудат фер компензација“, ни изјави Милевска.

Проблемот со недостиг на работна сила и ниските плати е комплексен и бара системски решенија.

Додека државата размислува за увоз на работници, експертите предупредуваат дека клучот лежи во активирање на домашните ресурси.

Преку повисоки плати, подобри услови за работа и контрола на сивата економија, пазарот на трудот може да се стабилизира, а невработените да станат активен дел од него.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП