Малкумина лидери можат да ги нападнат замислените непријатели со моќта на Доналд Трамп. Тој повторно го покажа ова кога неодамна побара од земјите од БРИКС да се „посветат“ дека „ниту ќе создадат нова валута на БРИКС, ниту ќе поддржат друга валута која ќе го замени моќниот американски долар“. На ничие изненадување, тоа барање беше поддржано од заканата за зголемување на тарифите, напиша колумнистот на „Bloomberg“, Михир Шарма во авторски текст.
Некои од неговите цели во групата, која првично ги вклучуваше само Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, но се проширија претходно оваа година, брзо го уверија. Јужна Африка објави официјално соопштение за да потврди дека нема планови за создавање заедничка валута, а индискиот министер за надворешни работи инсистираше на тоа дека земјите од БРИКС „немаат интерес за слабеење на американскиот долар“.
Овие обиди да се смири Трамп, сепак, го истакнаа и она за што идниот американски претседател навистина треба да се грижи. Јужноафриканците истакнаа дека земјите од БРИКС едноставно сакаат да тргуваат во рамките на групата користејќи ги валутите на земјите-членки. Дипломат број еден во Делхи, С. Џаишанкар го опиша ова како совршено легитимна мерка за намалување на ризикот.
Тоа можеби не е можно сега и искрено, можеби никогаш нема да биде. Меѓународната трговија, дури и меѓу 10-те нации што ја сочинуваат групата БРИКС, е страшно комплицирана. Индија можеби ќе сака да купи повеќе руска нафта, на пример, но доколку не најде купувачи во Русија за индиски стоки, тргувањето во рубли или рупии ќе биде неодржливо. Москва, пак, ќе се најде со рупии кои нема да знае да ги потроши.
Но, тоа не е поентата. Без разлика дали е лесно или не, без разлика што ќе каже или прави Трамп, земјите од БРИКС, и другите како нив, ќе продолжат да бараат начини да ги порамнат меѓународните трансакции без да користат долари. Така, нивната цел не е да и наштетат на американската економија или да ја оспорат надмоќта на доларот. Сакаат да одвојат дел од финансискиот систем кој не е под власта на доларот.
Земјите како Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), кои долго време служат како клириншки куќи за финансиски трансакции меѓу спротивставените геополитички блокови, се обидуваат да постигнат нешто слично најмалку една деценија. Но, целта стана поитна во време сè повеќе дефинирано со трговски војни и геополитички поделби.
Во Њу Делхи никогаш не биле толку ентузијасти за тоа како во другите престолнини. Но, индиските креатори на политика се чувствуваат повредени од повеќе од една деценија маневрирање околу американските санкции. Земјата во изминатите неколку години дури престана да увезува нафта од еден од нејзините најголеми трговски партнери, Венецуела, поради ограничувањата на САД, изјави извор на авторот. Венецуела беше заменета со Иран, кој набргу потоа почна да ги предизвикува истите проблеми. И сега Индија треба да најде начин да тргува со Русија. Поттикот да се создадат механизми за плаќање кои не се предмет на надзор на САД е очигледен дури и за најзападно ориентираните владини претставници во Делхи.
Иако сложеноста на меѓународната трговија го отежнува заменувањето на доларот, тоа значи и дека потребата да се најдат алтернативи, без разлика дали се привремени или делумни, ја чувствуваат се повеќе компании и земји. Бројот на стоки со двојна употреба и финансиски корпорации кои се предмет на американски санкции се зголемува речиси секој месец.
Како и со сите ограничувања на пазарот, ова значи дека некој ќе најде начин да заработи пари со тоа што ќе се осигура дека трговијата сè уште се одвива. Дури и институциите кои главно се поддржани од Западот, како што е Банката за меѓународни порамнувања (БИС), која е контролирана од повеќе централни банки, започнаа проекти дизајнирани да ја префрлат вредноста независно од американскиот долар – иако БИС мораше да ги прекине своите напори пред неколку недели по жалбите од западните метрополи.
Не беа направени такви обиди кога остатокот од светот го гледаше американскиот долар како општо добро. Земјите би можеле да го тргуваат, да инвестираат во него и слободно да го претвораат. За возврат, САД ја добија „неумерената привилегија“ да ја контролираат главната светска резервна валута. Ова им овозможи на политичарите да толерираат дефицити од секаков вид што би уништиле помала сила.
Ако Трамп сака да ја задржи надмоќта на доларот, тој мора да признае дека неговата вредност не зависи од американската моќ и закани, туку од сигурноста на САД. Прекумерната интервенција – без разлика дали преку ад хок санкции, мешање во политиката на Федералните резерви, унилатерални тарифи или геополитички конфронтации – претставува многу поголема закана за американската валута отколку што било што би можеле да направат земјите од БРИКС.