Нова година е симбол на нови почетоци, надеж и семејна топлина, но за многумина таа често се претвора во период на финансиски притисок, обврски и неочекуван стрес.
Наместо да ја доживееме радоста на празниците, се фаќаме себеси како трчаме по подароци, подготвуваме совршени трпези и балансираме семејни односи.
Финансиски притисок и семејни обврски
Психолозите велат дека голем дел од стресот доаѓа од нашите нереални очекувања.
„Често луѓето се обидуваат да создадат совршена празнична атмосфера како од филмовите, но тоа носи непотребен товар“, објаснува психологот Сања Љубеновиќ. „Празниците не се мерка за вашата способност како родител или партнер. Важно е да сфатите дека доволно е она што можете да го понудите“.
Најголемиот финансиски стрес доаѓа од желбата да се купат скапи подароци и да се организира богата прослава.
„Подароците не се љубов, тие се гест“, вели Љубеновиќ. „Понекогаш едно рачно направено нешто има поголема вредност од најскапиот подарок“.
Малите активности носат големо олеснување
За Јована Петровска, мајка на две деца од Ѓорче Петров, стресот бил постојан пред да направи промени.
„Секогаш сакав да ги изненадам сите со големи вечери и подароци, но на крај завршував исцрпена“, вели таа. „Минатата година решивме да ја славиме Нова година дома, со домашни игри и прошетка. Тројцата направивме колачи и си ветивме дека ќе се смееме колку можеме. Беше најубаво досега“, изјави Петровска.
Експертите препорачуваат активности како прошетки во природа, медитација, читање книги или едноставни семејни моменти како гледање филмови и правење украси.
Овие активности не чинат многу, но го полнат срцето со задоволство и го намалуваат стресот.
„Само 15 минути на ден медитација или тивко дишење може значително да ја намали анксиозноста“, советува психологот Љубеновиќ. „Дури и активности како раскажување приказни или слушање музика со семејството имаат терапевтски ефект“.
Дали можеме да кажеме „не“?
Друг фактор на стрес е желбата да им угодиме на сите.
Психолозите велат дека е важно да се постават граници.
„Доколку не можете да присуствувате на секоја прослава или да исполниме нечии очекувања, тоа е во ред“, додава Љубеновиќ. „Вашето ментално здравје треба да биде на прво место“.
Едноставноста како клуч за среќа
На крајот, празниците се за љубов, мир и споделени моменти. Скапи подароци и совршени трпези не се услов за среќа.
Доколку оваа Нова година решите да ги намалите очекувањата и да се фокусирате на она што навистина значи – квалитетно поминато време со семејството, ќе забележите дека стресот полека исчезнува.
„Научив дека Нова година може да биде совршена и со шолја топло чоколадо и добро друштво“, вели Јована. „Вистинската магија е во малите нешта“.
Оваа година, дозволете си да бидете поблаги кон себе. Не заборавајте дека празниците се тука да ни донесат среќа, а не за дополнителни грижи.
Б.З.М.