Сè повеќе индивидуални инвеститори стануваат „главни играчи“ на пазарот на недвижности во Македонија, градат згради и продаваат станови по астрономски цени, кои надминуваат и 3.000 евра за квадратен метар.
Според експертите, оваа појава ја нарушува рамнотежата на пазарот, додека граѓаните, особено младите семејства, едвај доаѓаат до пристојно живеалиште.
„Сведоци сме на експанзија на индивидуални инвеститори кои буквално ја презедоа улогата на големите градежни компании. Денес, секој што има одреден капитал или парцела гради згради. Но, разликата е во квалитетот на градбата и цените. Тие го диктираат пазарот и ги ставаат граѓаните во безизлезна ситуација“, вели Марко Николов, експерт за недвижнини.
Според Николов, проблемот е длабоко поврзан со сивата економија, која, според проценките на експертите, опфаќа повеќе од 700 милиони евра годишно.
Голем дел од овие средства завршуваат во градежништвото, особено во недвижности, што придонесува за неконтролирана изградба и зголемување на цените.
„Во центарот на градот, станува речиси невозможно да се најде пристоен стан по разумна цена. Продавањето квадрат за 3.000 евра стана практика, но овие суми не одговараат на животниот стандард во земјата. Семејствата кои чесно заработуваат немаат капацитет да ги платат овие суми и често се принудени да бараат станови на периферијата“, додава Николов.
И навистина, во последниве години, голем број новоградби „никнаа“ во населби како Драчево, Маџари, Волково и Ѓорче Петров, каде цените се далеку попристапни.
Сепак, експертите предупредуваат дека инфраструктурата не е доволно развиена за овие подрачја да бидат вистинска алтернатива.
„На периферијата почнуваат да се појавуваат убави станбени комплекси, но јавниот превоз е катастрофален. Нема доволно автобуси, а ако некој има работа во центарот, секојдневно мора да се соочува со долг и стресен пат“, посочува Николов.
Според него, модерниот град бара решенија како што се трамваи, тролејбуси или дури и метро, но тие идеи сѐ уште се далеку од реализација.
На пазарот на недвижности, ситуацијата станува уште посложена бидејќи големите градежни компании се сè поретки, додека индивидуалните инвеститори, често со недоволно искуство, доминираат со изградбата.
Ова носи ризик не само во цените туку и во квалитетот на изградените објекти.
„Луѓето што купуваат станови мора да бидат многу внимателни. Не е важно само квадратурата и локацијата, туку и квалитетот на материјалите, основите и целокупната издржливост на зградата“, вели нашиот соговорник.
Ситуацијата, според експертите, бара поголема контрола од државата и решенија што ќе го стабилизираат пазарот. Регулација на сивата економија и вложување во инфраструктура се меѓу клучните чекори што треба да се преземат, но граѓаните сè уште чекаат конкретни мерки кои ќе го олеснат патот до сопствен дом.
„Сонот за сопствен стан станува кошмар за многумина. Цените растат, условите не се подобруваат, а граѓаните се чувствуваат оставени сами на себе“, завршува Николов.
Б.З.М.