Од АД МЕПСО официјално соопштија дека го раскинале договорот со изведувачот на проектот за 400 kV интерконекција помеѓу Македонија и Албанија. Од државната енергетска компанија соопштија дека раскинувањето на овој договор доведе поради неисполнувањето на обврските од страна на изведувачот и барањата на изведувачот за дополнителни плаќања. Со тоа се јави неможност за постигнување согласност меѓу двете страни.
„Договорот со “ Енергоинвест” ДОО Сараево, Босна и Херцеговина, беше склучен на 7 февруари 2020 година, со рок за завршување од 30 месеци. Рокот истече на 30.05.2023 година. Треба да се истакне дека во овој период, изведувачот неколку пати го напушташе градилиштето, барајќи дополнително плаќање, што беше одбиено од АД МЕПСО заради типот на договорот, “ клуч на рака”. И покрај повеќекратните напори на АД МЕПСО за усогласување и преговарање, договор не беше постигнат. Затоа, АД МЕПСО ја донесе неопходната одлука за раскинување на договорот.
Фактичката состојба е дека од започнување на проектот досега се реализирани 24 од планираните 269 фундаменти за столбови или само 8,9%, а доставени се 51,2% од опремата. Од МЕПСО велат дека одолговлекувањето на работите како и целосното еднострано напуштање од страна на изведувачот, цениме дека раскинот на овој договор, всушност претставува почеток на завршување на овој проект кој претставува врвен приоротет за АД МЕПСО и Владата.
„АД МЕПСО останува посветен на завршувањето на 400 kV интерконекцијата со Албанија и веќе започна подготовки за рестартирање на проектот. Друштвото ќе иницира нова постапка за јавна набавка според насоките на ЕБОР за избор на нов изведувач кој ќе продолжи со реализација на проектот.“ додаваат од МЕПСО.
Овој проект започна во 2021 година. Стартот го одбележа почетокот на изградбата на новата станица за електрична енергија во Охрид, која што се најавуваше како клучна компонента од првиот далновод интерконектор на електрична енергија помеѓу Албанија и Северна Македонија, кој ќе се протега од Битола, до границата со Албанија.
Според достапните информации, ЕБОР обезбеди 37 милиони евра за Македонскиот преносен систем оператор МЕПСО, за поддршка на изградбата на далноводот интерконектор, како и за воведување на паметни мрежни компоненти, кои го подобруваат предвидувањето на енергијата и го олеснуваат интегрирањето на обновливите извори на енергија во системот на електрична енергија. До денес ЕБОР има инвестирано над €2,1 милијарди преку 147 проекти во земјата. Поддршка на зелената енергија е приоритет на Банката, бидејќи тоа е еден од најголемите предизвици во земјата.
И.П