Се наближува дебито на следната генерација електрични автомобили на „BMW“, а со првите модели изградени на платформата „Neue Klasse“ кои треба да бидат пуштени во продажба, баварскиот производител на автомобили се соочува со многу важна година во својата историја. Ова го најави самиот извршен директор Оливер Ципсе, кој беше дециден дека со новата електрична технологија „BMW“ ги поставува темелите на мобилноста во следната деценија.
„2025-та е идеална година за нови автомобили бидејќи ни овозможува брзо воведување на технологии од следната генерација. Имаме нова архитектура и тоа отвори сосема нови можности, овозможувајќи ни да ја забрзаме електричната мобилност“, рече Ципсе.
Шефот на „BMW“ додаде дека во моментов пазарот не е толку страшен и незадоволителната продажба на електрични автомобили, дури и во Германија, не треба да биде причина за сериозна загриженост.
„Нашите електрични автомобили се продаваат се повеќе и повеќе. А мобилноста со нулта емисија ќе биде нашиот главен двигател на растот во наредните години. Во ова клучна улога ќе имаат автомобилите од семејството ‘Neue Klasse’“, објасни Ципсе.
Што се однесува до идните планови, два нови модели ќе пристигнат во 2025-та година. Станува збор за SUV во истиот сегмент како и „X3“ и спортски седан со иста големина како и серијата 3. Целта е да се започне од сржта на асортиманот за веднаш да се постигнат конзистентни резултати за обемот на продажба.
Ципсе, исто така, објасни дека „BMW“ темелно ја реорганизира својата производна мрежа за да одговори на идните предизвици. Концернот тоа го прави и со новата фабрика во Дебрецен (Унгарија), каде што ќе се произведува „Neue Klasse“, и со модернизацијата на неговите фабрики во САД, каде што ќе се создаде Гигафабриката за цилиндрични батерии.
Идејата на BMW е да го консолидира своето присуство на сите пазари и да заземе значителен дел од пазарот на електрични автомобили во Европа, Америка и Кина.
„Глобално, ‘BMW’ има пазарен удел меѓу три и четири проценти. Ако можеме да дојдеме до 4 проценти во Кина, која со своите 23 милиони автомобили е најголемиот пазар, тоа би било голем успех“, додаде Ципсе.
Шефот на „BMW“, исто така, рече дека индустријата, особено таа во Европа, се соочува со сериозни проблеми, критикувајќи ги политиките што се носат на Стариот континент.
„Европа, на пример, мора да создаде услови за промовирање на економскиот раст и напредок. Наместо тоа, поставува бариери како забраната за мотори со внатрешно согорување од 2035-та година што оди во спротивна насока“, додаде Ципсе.
Во исто време, „BMW“ оди во спротивна насока и се обидува да понуди напреден технолошки микс. Тоа вклучува употреба на дизел технологии – како што е биогоривото HVO100, кое ќе се користи за автомобилите во германските погони. Емитува 90% помалку CO2 и е совршена замена за дизелот.
Потоа – во 2028-ма година, во продажба ќе излезе автомобил со водородни горивни ќелии, кој „BMW“ го развива заедно со „Toyota“ (лидер во областа на водород).