Минатиот викенд, под драматични околности, руското разузнавање беше принудено да интервенира за да го убеди Башар ал Асад да ја напушти Сирија.
Имено, бунтовничките сили напредуваа кон Дамаск, заканувајќи му се на неговиот режим, поради што Русија беше принудена да преземе мерки за да обезбеди излез на Асад од земјата.
Москва го информираше својот сириски сојузник дека, поради неможноста да обезбеди дополнителна воена помош во сузбивањето на бунтовничката офанзива, нема да може да го спречи падот на режимот. Во тој контекст, на Асад му било понудено веднаш да ја напушти Сирија и да замине во Русија, каде што ќе ужива во безбедноста, со предлог тој и неговото семејство да се преселат во Москва.
Интересно е што и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин лично го одобри спасувањето на Асад, тој сè уште не разговарал со него откако ја напушти Сирија. Според извори блиски до ситуацијата, кои за Bloomberg News изјавиле дека целиот план за бегство бил внимателно испланиран, Москва користела „трик со транспондер“. На Асад му беше наложено да не комуницира со никого, да го исклучи транспондерот во неговиот авион и да го напушти Дамаск во тајност.
Според изворите, приватниот авион на Асад полетал од главниот град, летал над Средоземното Море, а потоа се свртел во полукруг, исчезнувајќи од радарските системи. Авионот го однел Асад кон руската воздухопловна база Хмејмим на сирискиот брег, а оттаму со воен авион бил префрлен во Москва.
За време на повеќегодишната граѓанска војна во Сирија, Русија беше клучен сојузник на Башар ал Асад. Москва изгради значително воено присуство во земјата, вклучително и воздухопловна база во Латакија и поморска база во Тартус, која е единствената руска воена база во Средоземното Море. Во овој контекст, рускиот портпарол Дмитриј Песков потврди дека Русија одржува контакти со бунтовниците преку своите воени бази во Сирија, нагласувајќи ја важноста од безбедноста на тие објекти.
„Се разбира, одржуваме контакти со оние кои моментално ја контролираат ситуацијата во Сирија. Тоа е неопходно бидејќи таму се наоѓаат нашите бази, нашето дипломатско претставништво и секако дека безбедноста на тие објекти е исклучително важна и од примарна важност“, рече Песков.
По ова драматично бегство, Асад и неговото семејство сега ќе започнат нов живот во Русија. Со оглед на неговите семејни врски и значајните средства во Москва, Асад најверојатно ќе продолжи да ужива во удобен начин на живот во егзил, додека неговата политичка иднина е неизвесна.