18 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо петок прв официјален Економско социјален совет

Во петок прв официјален Економско социјален совет

Утре синдикатите, работодавачите и властите ќе седнат на заедничка маса. Прв официјален работен Економско социјален совет. Социјалните партнери ќе се обидат да најдат заеднички јазик за клучните потреби на работниците но и на работодавачите, а од сето тоа бенефит да има државата. Минималната плата, мерки за подобрување на куповната моќ, државна помош за подобрување на конкурентноста но и на продуктивноста се дел од точките кои треба да се најдат на дневниот ред на овој ЕСС. Според информациите на Денар освен министерот за економија Бесар Дурмиши, на состанокот ќе присуствува и премиерот Христијан Мицкоски.

Синдикалците остануваат на нивното основно барање, зголемување на минималната плата на 450 евра, а со тоа и зголемување на останатите плати во стопанството но и во јавниот сектор и администрацијата. Куповната моќ на работниците мора да се подобри, а тоа може само со зголемување на платите, со образложение дека мерката за есенската кошничка не даде резултат, велат од ССМ.

„Поради ниските плати работниците заминуваат од Македонија во некои други држави и да градат други економии и мислам дека тоа треба да биде најголемиот пораз за овие газди. Толку што сме продуктивни им створивме огромен капитал, огромни богатства, а тие ги покрадоа компаниите во минатото, ги задржаа за себе. Ако работниците добиваат мизерна плата, тогаш може да се очекува дека тие имаат пари за билет во еден правец, а тоа е надвор од Македонија“, велат од ССМ.

Што се однесува до бизнис секторот, тие имаат неколку барања и предлози плус. Работодавачите се на став дека минималната плата мора да го следи растот на продуктивноста и да е усогласена со Европската Директива за минимална плата. Мора да се престане со трката плати-цени која ја нарушува стабилноста на економијата на среден и долг рок. Дополнително од Организацијата на работодавачи сметаат дека треба да има намалување на неработи денови согласно Законот за празници – во законот се утврдени 11 државни празници, плус 5 за граѓаните од православна вероисповед.

„Секојдневното работење на компаниите се усложнува со недостаток на квалификуван кадар, за што претпријатијата посветено преземаат различни стратегии за привлекување на квалитетни ресурси. Освен тоа, не може да се заобиколи и потребата од вработување на работници од странство, што станува неизбежно во овие услови. Затоа неоходно е донесување на нов Закон за вработување и работа на странци, постојниот не одговара на ново настанатите услови. Непоходно е зголемување на квотите за вработување на странски работници, поедноставување на процедурата за вработување на странци, побрзо решавање на предметите поврзани со издавање на работна дозвола. Прочистување на списокот на невработени регистрирани лица во АВРМ – голем број на евидентирани невработени лица кои не се јавуваат на огласите за работа, а приватниот сектор се соочува со недостаток на работна сила. ТИР зоните да добиваат само даночни олеснувања само ако вработуваат долгорочно невработени од АВРМ. Можност да се вработуваат пензиониери за кои би се плаќало само персонален данок“, велат од Организацијата на работодавачи.

Властите на неколку пати посочија дека имаат капацитети и слух за бизнисот, но и за работниците. Ќе одговорат на барфањата но не може се да се направи веднаш. Останува да се види кои од барањата ќе бидат прифатливи за власта а кои ќе почекаат подобри времиња. 

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП