4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Белград – Производството на прехранбени производи во Србија во првите  осум месеци од годинава забележа пад од 15,3 отсто, во однос на истиот период во 2012 година, покажуваат податоците на српскиот Републички завод за статистика. Податоците од Заводот, покажуваат дека раст е забележан само во производството на млечни производи за 6 и преработка на конзервирано овошје и зеленчук за 3 отсто.

Белград – На Србија од предпристапните фондови на ЕУ годишно ќе и бидат на располагање околу 200 милиони евра. Веќе се одредени 94 проекти кои ќе бидат опфатени со ова финансирање, од кои приоритетни се од областа на инфраструктурата, енергетиката, земјоделството и заштитата на животната средина, информира заменик-директорот на српскиот Сектор за европски интеграции, Огњен Мириќ.

Белград – Даночната управа на Србија очекува новиот систем на фискализација да ги зголеми приходите во буџетот за над една милијарда евра годишно. Проценката за зголемување на приходите се темели на досегашните контроли на фискалните каси, кои покажуваат дека секоја трета фискална сметка не е издадена или е фалсификат и на искуствата на земјите од регионот кои го воведоа овој систем.

Подгорица – Во Европа најмалку се штеди во Црна Гора, која се наоѓа на 144 место од вкупно 146-те земји на листата на Светскиот економски форум. Економската и финансиска криза која не го заобиколи ни регионот на Балканот, во голема мера негативно влијаше и на многу нискиот процент на граѓаните кои се одлучуваат дел од парите да го одвојуваат како заштеда која евентуално подоцна би можеле да ја искористат.

Берлин – Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле повторно се спротивстави на планот, парите од германските даночни обврзници да се користат за спасување на европските банки. – Парите од даночните обврзници нема да се користат за спас на банките, а уште помалку парите од фондот за помош на еврозоната, Европскиот стабилизационен механизам, рече Шојбле.

Лисабон – Португалскиот парламент усвои непопуларен пакет мерки за штедење за следната година, во рамки на обидите да ја врати довербата кај инвеститорите. За време на гласањето за новиот пакет за штедење, пред зградата на Парламентот се собраа повеќе илјади демонстранти протестирајќи против уште една година на остри резови и високи даноци.

Лондон – Глобалниот банкарски гигант ХСБЦ е уште една од големите светски банки кои се под истрага поради сомневање дека учествувале во манипулирање со девизните курсеви. Најголемата европска банка ги соопшти вестите заедно со извештајот за нето профитот, кој во третиот квартал пораснал за 28 отсто на 3,2 милијарди долари.

Јоханесбург – Јужноафриканската Република се обидува да ја зајакне економијата уште од укинувањето на апартхејдот, но во тоа доцни заедно со земјите од регионот, предупреди банката „Голдман Сакс“. Банката оцени дека високата невработеност меѓу младите ги загрозува соништата на милиони граѓани и дека е неопходно властите да се зафатат со решавање на овој проблем.

Торонто – Истече рокот за купување на поранешниот гигант на мобилната телефонија „Блекбери“. Според последните информации, не се јавила ниту една компанија заинтересирана за преземање на канадската фирма.

Бразилија – Водечкиот бразилски производител на авиони „Ембраер“ во третиот квартал од оваа година забележа пад на профитот од 19 отсто, поради испораката на помалку профитабилни модели на авиони. Нето профитот на компанијата опаднал на 52,9 отсто, од 65 милиони долари во ланскиот трет квартал.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП