Американскиот претседател Џо Бајден во неделата објави дека го помилувал својот син Хантер, кој чекал казна за случаи на нелегално поседување огнено оружје, лажни изјави при проверка на оружјето, за што претходно бил прогласен за виновен, како и за затајување данок, што тој самиот призна.
„Денес потпишав помилување за мојот син Хантер“, рече тој во соопштението објавено од Белата куќа.
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување на неговиот 54-годишен син, зависник од дрога кој се лечи, кој стана мета на републиканците, вклучувајќи го и новоизбраниот претседател Доналд Трамп, тој сега одлучи да го стори тоа.
„Ниту еден разумен човек кој ги разгледува фактите за случаите на Хантер не може да дојде до друг заклучок освен дека Хантер е издвоен само затоа што е мој син, а тоа е погрешно“, рече Бајден.
И оваа одлука ја донесе во текот на овој викенд.
„Верувам во судскиот систем, но (…) исто така верувам дека груба форма на политика го зарази овој процес и доведе до пропуст на правдата. И кога ја донесов оваа одлука овој викенд, немаше смисла повеќе да се одложува. Се надевам дека Американците ќе разберат зошто таткото и претседател би ја донел оваа одлука“, рече тој.
Најмладиот син на Џо Бајден веќе беше осуден оваа година дека лажел за зависноста од дрога кога купувал пиштол – прекршок во државата Делавер, упориштето на Бајден. Во септември тој се изјасни за виновен за даночна измама и чекаше да види каква казна ќе добие во секој од овие случаи.