Русија избира цели во Украина кои би можеле да вклучуваат „центри за одлучување“ во Киев како одговор на украинските напади со долг дострел со западно оружје на руска територија, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Ројтерс.
Руските напади досега не ги погодија владините згради во главниот град на Украина. Киев има силен систем за противвоздушна одбрана, но Путин вели дека руската хиперсонична ракета Орешник, која минатата недела за прв пат беше истрелана врз украински град, не може да ја пресретне.
„Се разбира, на тековните напади на руска територија ќе одговориме со ракети со долг дострел од западно производство, како што веќе беше наведено, вклучително и можното продолжување на тестирањето на Орешник во борбени услови како што беше направено на 21 ноември“, нагласи рускиот лидер на состанокот на безбедноста на Сојузот на поранешните советски земји во Казахстан.
„Во моментов Министерството за одбрана и Генералштабот ги избираат метите што ќе ги гаѓаат на украинска територија. Тоа може да бидат воени објекти, одбранбени и индустриски претпријатија или центри за одлучување во Киев“, додаде тој.
Руските власти соопштија дека Украина првпат истрелала американски балистички ракети ATACMS кон западна Русија на 19 ноември, што ја натера Москва да одговори два дена подоцна со истрелување на Орешник, нова ракета со среден дострел, врз украинскиот град Днипро.
Оттогаш, Москва извести дека Украина на 23 и 25 ноември истрела неколку ATACMS во руската област Курск, пишува Ројтерс.
Путин рече дека руското производство на напредни ракетни системи го надминува производството на Северноатлантската алијанса (НАТО) за десет пати и дека Москва планира дополнително да го зголеми производството.