„Audi“ го претстави новиот модел „Q6 e-tron Sportback“.
Новиот „Audi Q6 e-tron Sportback“ доаѓа како купе, но во „SUV“ варијанта, што е се попопуларен сегмент кај купувачите на автомобили.

Од „Audi“ велат дека дизајнот на овој модел е „понапреден и поспортски“ од неговиот претходник и дека конкретно ги таргетирале оние возачи за кои дизајнот е голем фактор при одлучувањето кој автомобил да го купат следно.
Дизајнот, инаку, црпи инспирација од моделот „Audi TT Coupe“, но сè од A-столбот наваму е редизајнирано, што значи дека „Sportback“ е за 37 mm понизок од „SUV“ варијантата.

Со меѓуоскино растојание од 2.899 mm, електричниот „Q6 e-tron Sportback“ има капацитет на багажникот од 511 литри, а кога седиштата се спуштени, тоа се зголемува до 1.373 литри. Исто така, се наведува дека може да повлече и до 2.400 килограми во најсилната верзија.
Внатрешноста е исполнета со панорамски дисплеј и за возачот и за патниците, а од „Audi“ велат дека идејата била внатрешноста да биде „интимна“, но и „насочена кон корисниците“.

Се вели и дека ова е „шампионот“ во серијата „Q6“ со досег што може да биде до 656 километри со едно полнење. За ова е заслужна батеријата од 100 kWh, додека моќноста се движи од 306 до 489 ks.
Електричниот мотор во моделот со погон на задните тркала има 306 ks и забрзува од 0 до 100 km/h за 6,6 секунди. Кога станува збор за „Q6 Sportback e-tron quattro“, тоа време е 5,9 секунди. Конечно, „Audi SQ6 Sportback e-tron“ има два електромотори со комбинирана моќност од 489 ks, а 100 km/h достигнува за 4,3 секунди.

Цената за основниот модел започнува од 65.900 евра, додека најмоќната верзија „Audi SQ6 Sportback e-tron“ чини 96.200 евра.