Два кинески производители влегоа во Топ 10 во однос на продажбата на нови автомобили во светот во третиот квартал од годината, според статистиката на „JATO Dynamics“.
Резултатите покажуваат дека во периодот од јули до септември на светските пазари се продадени вкупно околу 22 милиони примероци, што е пад од 2,7%. И додека Европа, САД и повеќето пазари во развој минуваат низ тешки времиња, Кина продолжува да добива на терен благодарение на своите агресивни политики на домашните производители.
Според официјалните податоци, „Toyota“ продолжи да води на светската ранг-листа во третиот квартал со 2,74 милиони продажби (удел на пазарот од близу 13%), но забележа пад од 3,8% во споредба со истиот период минатата година. Тоа главно се должи на пазарот во Кина, каде јапонската марка губи позиции.
Групацијата „Volkswagen“ го задржа второто место со 2,18 милиони продажби (пад од 7,1%). „Hyundai Motor Company“, во која уште и „Kia“ и „Genesis“, останува на третото место, а нејзиниот резултат е 1,78 милиони единици (-2,6%). И двете компании беа погодени од ситуацијата во Кина, каде што потрошувачите се повеќе преферираат локални брендови.
Првата петорка ја комплетираат „Stellantis“ и „General Motors“, кои, сепак, забележаа двоцифрен пад. Тоа е особено забележливо кај „Stellantis“ (-21%), која се соочува со сериозни проблеми со побарувачката во Северна Америка и Европа – нејзините два главни пазари, како и со зголемената конкуренција од кинеските брендови во Јужна Америка.
Во третиот квартал од 2024-та „BYD“ се најде на шестото место со 1,13 милиони продадени возила и импресивен раст од 38%. Групацијата го зголемува својот удел на пазарот дома и во странство благодарение на широкиот асортиман на производи, кој вклучува и целосно електрични и „plug-in“ хибридни модели. „BYD“ е само 19.500 единици зад „Tesla“ во продажбата на електрични автомобили во третиот квартал.
Резултатите на „BYD“ во третиот квартал се толку високи што се приближуваат до оние на „Stellantis“ (1,17 милиони) и „GM“ (1,15 милиони). Кинескиот производител е само 12.108 единици зад „GM“ и речиси 40.000 продажби пред „Ford“. Доколку продолжи да се претставува добро, би можел да ги надмине „Honda“, „Ford“ и можеби „GM“ до крајот на 2025-та година.
Друго изненадување е влезот во Топ 10 на „Geely“ (вклучувајќи ги „Volvo“ и „Polestar“). Со 811.800 продадени возила успеа да го престигне „Nissan“ и да го отфрли „Suzuki“ од рангирањето. „Geely“ прави големи чекори со своите неодамнешни кинески брендови како што се „ZEEKR“, „Lynk Co“ и „Geely Galaxy“, а исто така е единствениот кинески производител кој има присуство во САД со своите брендови „Volvo“ и „Polestar“.
Резултатите од третиот квартал и разликата од лани
„Toyota“ – 2.736.904 (-4%)
„Volkswagen“ – 2.176.363 (-7%)
„Hyundai Motor Corporation“ – 1.777.300 (-3%)
„Stellantis“ – 1.174.000 (-21%)
„General Motors“ – 1.147.000 (-13%)
„BYD“ – 1.134.892 (+38%)
„Ford“ – 1.095.000 (+1%)
„Honda“ – 910.000 (-12%)
„Geely“ – 811.797 (+20%)
„Nissan“ – 809.000 (-3%)
Податоците за продажба за третиот квартал покажуваат и нешто друго извонредно – за прв пат кинеските производители продале повеќе автомобили од европските. Резултатите покажуваат вкупно 5,07 автомобили за Азијците, што претставува зголемување од 10%, и 4,99 милиони за Европејците (пад од 11%).
Ова значи дека глобалниот пазарен удел на кинеските производители се зголеми од 20,8% во третиот квартал од 2023-та година до 23,6% во следната година, додека јапонските, европските, американските и корејските производители на автомобили изгубија пазарен удел.