Македонија се соочува со сериозен недостиг на квалификувани автомеханичари, додека трендот на заминување на искусни кадри во странство не покажува знаци на запирање.
Оваа тенденција предизвикува загриженост кај сопствениците на авто-сервиси, кои сè потешко успеваат да ги одржат своите работни капацитети и квалитетот на услугите.
Еден од нив е Иван, искусен автомеханичар од Ѓорче Петров, кој со години се бори да го пополни својот тим.
„Јас сум веќе 25 години во оваа работа, а последните десетина години само гледам како искусните автомеханичари заминуваат во странство, главно во Германија и Австрија, каде што условите за работа и платите се далеку подобри. Секојпат кога ќе се ослободи место во мојот сервис, ми требаат месеци, а понекогаш и години за да најдам замена – и тоа ако најдам“, раскажува нашиот соговорник.
Многу авто-сервиси во земјава, вклучувајќи го и сервисот на Иван, имаат потреба од млади луѓе кои би сакале да се обучат и да ја научат оваа занаетчиска професија.
Но, заинтересираноста е скоро непостоечка.
„Младите сè поретко сакаат да слушнат за професијата автомеханичар. Веројатно и поради тоа што ја гледаат како тешка работа, а можеби и поради стереотипите дека не нуди кариерна сигурност и развој. Но, реалноста е дека на ова поле секогаш ќе има потреба од добри работници, особено денес кога автомобилите се многу покомплексни“, додава механичарот.
Причините за недостатокот на интерес се повеќеслојни. Од една страна, постојаното заминување на искусните автомеханичари предизвикува несигурност кај младите, кои не можат да најдат квалитетни ментори.
Дополнително, многу млади луѓе ја гледаат својата иднина во ИТ индустријата, која наметнува високи очекувања и ветува повисоки плати и подобри услови за работа.
Сепак, реалноста на пазарот покажува дека ваквите професии сè повеќе ќе стануваат побарувани.
„Потребни се инвестиции во обука и поддршка на младите механичари. Доколку не вложиме сега, за неколку години ќе се соочиме со уште поголем проблем и со уште поголем дефицит на работна сила“, предупредува Иван.
Иако надежта за подобрување е мала, дел од автомеханичарите веруваат дека со посветеност и залагање, државата би можела да ја намали загубата на квалитетни кадри.
Б.З.М.