4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Атина – Француската железничка компанија СНЦФ, грчко-рускиот конзорциум „Терна-РЗД“ и романска групација „Груп Феровиар Роман“ (ГФР) влегоа во вториот круг на тендерот за купување на грчкиот железнички оператор „Траиносе“, соопшти грчкиот Фонд за приватизација.

Брисел – Невработеноста останува голем проблем на Европската унија, при што податоците говорат дека таа цврсто се држи на 11 отсто. Во земјите од еврозоната стапката на невработеност е уште поголема и изнесува 12,2 отсто. Најголема опасност е невработеноста на младите, бидејќи секој четврти Европеец помлад од 25 години нема работа.

Лондон – Членките на еврозоната наскоро може да се соочат со дефлација каква што владееше во Јапонија во 90-тите години од минатиот век, пишува лондонски „Дејли Телеграф“. Состојбата во еврозоната е многу слична на сценариото веќе видено на почетокот на 90-тите години во Јапонија, тврдат економисти од француската „Сосиете Женерал“ за лондонскиот весник, со напомена дека индексот на потрошувачките цени во 17-члениот монетарен блок опаднал во текот на октомври на 0,7 отсто, од 1,1 отсто во претходниот месец.

Цирих – Авионската компанија „Свис“ во првите девет месеци од оваа година забележа раст на профитот од 13 отсто, на 209 милиони швајцарски франци (169,1 милион евра). Во истиот период, приходот на швајцарскиот авиопревозник е зголемен за 2,4 отсто, на 3,91 милијарда франци.

Лондон – Британскиот банкарски гигант „Барклиз“ суспендираше шестмина берзански дилери во рамки на интерната истрага околу можно учество во манипулирање со девизните курсеви. Уште една британска банка, „Кралската банка на Шкотска“ (РБС), исто така суспендираше двајца дилери. РБС која двапати е спасена со пари од даночните обврзници по финансиската криза од 2008 година, соопшти дека во рамки на истрагата ја контактирале британската Управа за контрола и надзор на финансискиот сектор и други власти.

Москва – Русија мора да ја подобри достапноста до кредити за компаниите, но тоа не значи дека ќе ја отфрли фискалната внимателност, изјави рускиот премиер Дмитриј Медведев. Тој оцени дека не постои контрадикторност меѓу фискалната консолидација и економскиот развој и истовремено порача дека неговата Влада ќе продолжи со приватизацијата по соодветни цени.

Њујорк – Ланецот за брза храна „Мекдоналдс“ следната година во супермаркетите на САД ќе почне со пробна продажба на пакувано кафе под брендот „Мек кафе“. Партнер на компанијата во овој проек ќе биде „Крафт Фудс“. Според извршниот директор на „Крафт фудс“, Тони Вернон, купувачите ќе можат да изберат „Мек кафе“ во зрно или мелено, но и кафе во кесичка за една шолја. Цената на новиот производ не е соопштена, како ни имиеата на градовите во кои ќе почне неговата продажба.

Сиетл – Компанијата „Боинг“ ќе го забрза производството на своите авиони „Боинг 737“ за да го скрати времето за чекање на купувачите на 3.400-те нарачани летала од тој тип. „Боинг“ месечно произведува по 38 авиони модел „737“ во матичната фабрика во Рентон кај Сиетл, во американската сојузна држава Вашингтон.

Вашингтон – Во извештајот на американските министерства за финансии и за стопанство околу глобалната економија се наведува дека САД ги следат три сили: Германија, Кина и Јапонија. Американската економија расте анемично, иако побрзо од европскиот просек, а политичката криза во Вашингтон од пред еден месец, за малку ќе го турнеше светот во нов амбис на рецесија, се наведува во најновиот полугодишен извештај за состојбата на светските валути, во која првпат главната острица на критиката е насочена кон најважната европска економија – Германија. Локомотивата на еврозоната е обвинета дека со своето преголемо потпирање на извозот го оневозможува не само брзото зајакнување на земјите од своето соседство, туку и од целиот свет.

Њујорк – Американската банка „Ситигруп“ е под истрага на американските и на странски финансиски власти, поради сомнежите дека учествувала во манипулирање со девизните курсеви. „Ситигруп“ е последна во низата банки кои во последните неколку дена се најдоа под истрага на финансиските власти, заедно со „Барклиз“, „Дојче банк“, УСБ и „Кралската банка на Шкотска“ (РБС). – Владините агенции во САД и странски регулаторни власти спроведуваат истрага во врска со трговијата на девизните пазари, а „Ситигруп“ е поканета да соработува во истрагата, како и да даде дополнителни информации во врска со овој случај, се наведува во соопштението на американската банка.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП