Владата интензивно работи на подготовка на новата празнична кошничка, наменета да ги ублажи финансиските притисоци за граѓаните во периодот на новогодишните и божикните празници.
Со прецизно дефиниран список на производи и цени, целта е да се обезбеди пристапност до основни прехранбени продукти и да се поттикне потрошувачката, притоа минимизирајќи ги трошоците за семејните буџети.
Во тек се разговори со трговците и со дистрибутерите, со цел прецизно да се утврди кои производи ќе бидат вклучени во кошничката, а фокусот е ставен на оние што најмногу поскапуваат во празничниот период.
Според објавените информации, во празничната кошничка граѓаните ќе имаат можност да најдат поевтино месо и сувомесни производи, како и одредени видови јужно овошје и млечни чоколади со тежина од 100 грама.
Оваа иницијатива доаѓа во време кога цените на прехранбените производи продолжуваат да растат, па така Владата најавува дека намалувањето на цените на основните производи ќе биде во висина од 10 проценти.
Трговците, пак, најавуваат дека сè уште не е утврдено дали новогодишните пакетчиња ќе бидат дел од оваа иницијатива.
За разлика од есенската кошничка, која беше активна до 31 октомври и вклучуваше 73 производи со намалена бруто-профитна маржа од 10 отсто, празничната кошничка нема да содржи алкохолни пијалаци, пиво, чоколади со јаткасти плодови, апетисани, торти и колачи.
Овие производи се сметаат за луксузни, па затоа не се дел од субвенционираната потрошувачка.
Оваа мерка наиде на критики од опозицијата, која смета дека ефектите од претходната есенска кошничка не донеле значителни промени за граѓаните.
Од СДСМ, како одговор на новата иницијатива, предложија Владата да го укине ДДВ-то за овие производи како поефективна и поедноставна мерка што би овозможила директно намалување на трошоците за граѓаните.
Иако новогодишно-божикната кошничка ветува поевтини основни производи, останува неизвесно колку реално ќе влијае врз празничната потрошувачка и дали ќе одговори на растечките потреби на граѓаните за време на празниците.
Б.З.М.