13 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКрава во Словенија не знае како е да се биде крава во...

Крава во Словенија не знае како е да се биде крава во Македонија

Македонското земјоделство сè повеќе заостанува не само зад европските стандарди, туку и зад земјите во регионот, предупредуваат експертите и земјоделците.

Клучните причини за оваа состојба, според нив, се недоволните субвенции и високите трошоци кои го притискаат секторот, оставајќи ги земјоделците без неопходна поддршка за развој и конкурентност на меѓународниот пазар.

„Ние сме далеку зад европското земјоделство, затоа што субвенциите се многу мали во однос на обемното производство кое го бара нашиот пазар. Нашите земјоделци се принудени да се натпреваруваат со земји каде што субвенциите се далеку поголеми, додека Македонија издвојува само 140 милиони евра годишно. Ако го споредиме тоа со Словенија, на пример, која исплаќа 600 милиони евра, тогаш ќе видиме колкава е разликата во поддршката“, коментираат агрономите.

Според податоците, Словенија доделува и по 2.000 евра субвенција само за една крава, што овозможува развиено сточарство и одржување на руралните средини.

Тоа е спротивно од состојбата во Македонија, каде, според земјоделците, субвенциите се далеку помали и не обезбедуваат финансиска стабилност и соодветна продуктивност.

„Трошоците за ѓубриво, семиња и механизација растат од година во година. Субвенциите што ги добиваме не можат да ги покријат трошоците, а не да остават простор за профит“, вели Љупчо Стојаноски, земјоделец од Прилеп.

Тој додава дека многу земјоделци се принудени да се откажат од работата, бидејќи условите стануваат неподносливи.

„Повеќето млади не сакаат да се занимаваат со земјоделство. Гледаат дека нема иднина и се иселуваат“, истакнува Стојаноски.

Земјоделците се соочуваат со дополнителен предизвик поради недоволната поддршка за модернизација и едукација.

Во развиените земји, аграрната политика овозможува постојана технолошка обнова и едукација, што е клучно за успехот на модерното земјоделство.

Во Македонија, таквите програми се ограничени и нерегуларни, што го отежнува нивното следење на новите стандарди и технологии.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП