14 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНа угостителите лошо им се пишува

На угостителите лошо им се пишува

Цените на угостителските услуги во земјава бележат значително зголемување во текот на октомври, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Во споредба со септември оваа година, цените се зголемени за 1,1 процент, додека споредено со октомври 2023, порастот изнесува 6,1 процент.

Овој тренд на пораст не е ограничен само на октомври – кумулативниот индекс на цените на угостителските услуги за периодот јануари – октомври, во однос на истиот период минатата година, е зголемен за 5,6 проценти, додека во споредба со декември 2023, бележи раст од 3 проценти.

Според економските аналитичари со коишто разговаравме, овие податоци одразуваат неколку фактори кои во текот на последната година влијаеја врз ценовните движења во угостителството.

„Покачувањето на цените во овој сектор е резултат на повеќе компоненти – растот на трошоците за енергенси, повисоките цени на храната и пијалаците, како и зголемените плати на вработените во угостителството. Овие фактори придонесуваат угостителите да ги коригираат цените за да ги покријат зголемените оперативни трошоци“, објаснуваат познавачите.

Тие додаваат дека овој тренд е присутен и во другите земји во регионот, каде исто така се бележи пораст на цените во секторот на угостителските услуги.

„Ова е глобален феномен, бидејќи покачувањето на цените на суровините, како и инфлацијата, го засегаат речиси секој сектор. Во угостителството, зголемувањето на цените е неизбежен резултат за да се задржи нивото на квалитет и услуги, а тоа, за жал, го чувствуваат потрошувачите“, потенцираат експертите.

Овие податоци предизвикаа реакции кај јавноста, особено меѓу граѓаните кои во последниве години чувствуваат дека трошоците за живот стануваат сè повисоки.

Експертите сугерираат дека ваквиот тренд може да продолжи и во следните месеци, доколку не се преземат мерки за стабилизирање на цените на основните производи и енергенсите.

„Важно е Владата и релевантните институции да преземат мерки за поддршка на угостителскиот сектор, како што се субвенции за енергенси или поволности за набавка на суровини. Без вакви мерки, не само што ќе продолжи растот на цените, туку и дел од угостителите ќе се соочат со ризик од затворање на бизнисите“, објаснуваат познавачите.

Сепак, угостителите нагласуваат дека покрај зголемените трошоци, растот на цените има за цел да ја одржи стабилноста на секторот и да овозможи непречено работење во иднина.

Останува да се види дали и колку зголемените трошоци ќе влијаат на потрошувачката на граѓаните и дали истите ќе продолжат со зголемено темпо во претстојниот период.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП