28 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАCOPY PASTE економија

COPY PASTE економија

Недоволна креативност, безидејност, или слаба меморија на креаторите на економските политики од двете најголеми политички партии во Македонија.

Последната објавена мерка или предлог закон кој опозициската СДСМ го нуди во собранието е истото тоа законско решение кое пред една година истата таа политичка партија само тогаш како владеачка гарнитура го одби предлогот на тогашната опозиција ВМРО ДПМНЕ.

Од друга страна, ВМРО ДПМНЕ воведе мерка за ограничување на маржите на прехранбените производи со која имаше план да ја подобри куповната моќ на граѓаните. Кога тоа на неколку пати го правеше СДСМ во претходните неколку години, ВМРО ДПМНЕ како опозиција секојдневно држеше пресови и обвинуваше дека тоа е мерка која не дава резултати.

Врвот на партијата предводена од својот лидер Венко Филипче од Собранието побара да се усвои закон со кој ќе се укине ДДВ на основните производи на храна, а тоа ќе значи  месечна заштеда за граѓаните и до 2.000 денари. Од партијата сметаат дека доколку ДДВто се намали на пет отсто на 250 категории на производи, во тој случај успехот е загарантиран.

„Бидејќи учеството на храната и пијалакот во потрошувачката кошничка изнесува 23.000 денари, ефектите од оваа мерка со заштеда и до 2.000 денари значително ќе влијае на заштита на стандардот на граѓаните и состојбата на семејните буџети. СДСМ ги повикува сите пратеници да го поддржат законот. ВМРО-ДПМНЕ да не води политички инает врз грбот на граѓаните и наместо постојано да одбива добри законски решенија предложени од опозицијата да се одважи и да ги поддржи“, изјави лидерот на  СДСМ Венко Филипче.

Секако, без многу размислување власта експресно го одби овој предлог на опозицијата. Сега образложението им беше дека ова се несериозни мерки. Еден од одговорните на ВМРО ДПМНЕ за економските политики Бојан Стојановски посочи дека предложеното законско решение е полно со технички грешки, за кои рече дека пратениците од СДСМ ќе се извинуваат и ќе ги поправаат на наредните прес-конференции.

„Да ја потсетам јавноста, го покачија ДДВ на над 2 000 прехранбени производи од 5 на 10 отсто и ни делеа нутриционистички совети дека голем дел од таа прехрана не била здрава, па затоа се покачува данокот“, изјави Бојан Стојановски.

Буквално исто се случува и со мерките за замрзнување, ограничување или било какво мешање на извршната власт во пазарното работење на фирмите. Ниту во време на висока инфлација ниту пак сега кога стапката на инфлацијата е во некое нормално ниво ваквите економски политики не даваат резултати. Но, и покрај се политичките партии продолжуваат да си ги препишуваат мерките и проектите, колку тие и да се неуспешни.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП