„Instagram“ планира да ги спречи корисниците да прават скриншот од слики и видеа испратени преку приватни пораки, како дел од серијата нови безбедносни мерки, особено насочени кон заштита на младите.
Новата функција ќе ги спречи сликите од екранот и снимањето на екранот за содржината испратена преку опциите „види еднаш“ или „дозволи повторно прегледување“ за да се намалат ризиците од злоупотреба.
„Мetа“ нагласи дека корисниците повеќе нема да мора да се грижат дали нивната приватна слика или видео ќе се снима без согласност. Исто така, овој безбедносен механизам ќе важи и за веб верзијата на „Instagram“, со цел да се избегне можноста за заобиколување на правилата преку компјутер.
Дополнително, воведени се дополнителни функции за заштита, како што се филтри за замаглување на содржината што содржи голотија, заедно со дополнителни предупредувања за последиците од споделување на таква содржина. Новата опција се воведува како одговор на зголемениот број случаи на сексторција, особено кај помладата популација.
Инстаграм, исто така, воведува „Тинејџерски сметки“, каде што корисниците на возраст под 16 години ќе бидат надгледувани од нивните родители. Децата под 13 години ќе можат да комуницираат само со сметки што веќе ги следат. Навредливите содржини ќе бидат филтрирани од пребарувања, коментари и известувања, а функцијата „sleep mode“ ќе го намали бројот на известувања од 22:00 до 07:00 часот и автоматски ќе одговара на пораките за децата да имаат квалитетен одмор.
Британскиот „Ofcom“ ги пофали овие чекори, опишувајќи ги како чекор во вистинската насока, но нагласи дека „Мetа“ мора да стори повеќе за да ги заштити корисниците, особено децата, според новиот Закон за онлајн безбедност.