Новите прогнози на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) сигнализираат тешка иднина за светската економија, која се карактеризира со слаб раст, ескалација на трговските тензии и висока задолженост, предупреди директорката Кристалина Георгиева.
„Не сум премногу песимист, бидејќи ако го погледнеме трендот на светската економија, точно е дека може да биде подобро, но и многу полошо“, рече Георгиева за време на дискусијата во седиштето на ММФ пред состаноците следната недела во Вашингтон.
Глобалната трговија повеќе не е моторот на растот како што беше, но не стана ниту тежина, рече шефицата на ММФ, нагласувајќи дека децениската меѓузависност сепак беа бариера за бранот трговски ограничувања што започна по коронавирусот.
Зголемениот протекционизам и зголемувањето на трговските ограничувања ѝ штетат на глобалната економија, го ограничуваат трговскиот раст и ја кочат и онака слабата светска економија, рече Георгиева, која овој месец го започна својот втор петгодишен мандат во меѓународниот кредитор.
Меѓу ретките добри вести таа ги издвои забавувањето на инфлацијата и враќањето на ценовната стабилност, заедно со уредното подобрување на состојбата на пазарот на труд во САД и Европа. САД не се во рецесија, иако каматните стапки во последните три циклуси предизвикаа значително слабеење на економската активност, а бројот на невработени се очекува да остане релативно низок, рече таа.
Кина успорува, Индија забрзува, американската економија оди доста добро, но Европа може подобро, рече таа од состанокот во седиштето на ММФ. „Нашите прогнози укажуваат на тешка комбинација на слаб раст и висока задолженост – тешка иднина“, рече Георгиева, посочувајќи на мешаните економски прогнози за главните светски играчи.
Растот во целина нема да биде доволен за да се искорени сиромаштијата во светот, да се отворат потребниот број работни места или да се генерираат даночни приходи потребни за сервисирање на огромниот долг и финансирање инвестиции, посочи првиот човек на ММФ.
Упорно високите цени непропорционално ги погодуваат сиромашните, а конфликтот на Блискиот Исток може да ескалира и да ги дестабилизира регионалните економии и светските пазари на стоки, предупреди таа. Таа е загрижена и за зголемувањето на воените трошоци бидејќи тоа ги намалува средствата достапни за други приоритети, вклучувајќи ја и помошта за земјите во развој.
Изгледите се мрачни, но може многу да се направи за да се поттикне растот, да се намали долгот и да се изгради поотпорна економија, нагласи таа, истакнувајќи дека земјите можат да работат заедно за да ги зачуваат придобивките од трговијата, да обезбедат фискален простор за зелена транзиција и да стават крај на фосилните горива.
А вештачката интелигенција може да биде корисна алатка и да ја подобри продуктивноста, под услов владите да создадат механизми за управување. „Вештачката интелигенција итно бара регулаторни и етички одредби кои во основа ќе го опфатат целиот свет. Зошто? Затоа што вештачката интелигенција не познава граници и веќе ја има насекаде на мобилните телефони“, предупреди таа.