21 април, 2025
ПочетнаЗДРАВЈЕЧетката за заби е погодна почва за инфекции?

Четката за заби е погодна почва за инфекции?

Топлите тушеви не им се допаѓаат само на луѓето, туку и на вирусите. Неодамна беше објавена студија во стручното списание „Frontiers in Microbiomes“, според која, на пример, цела заедница на вируси живее во нашиот туш.

И не само таму. Површините во бањата се покриени со биолошки слој во кој врие од живот. Истражувачкиот тим откри повеќе од 600 видови вируси на главата на тушот или четките за заби во Европа и САД.

Живиот свет на бањата

Ерика Хартман од Универзитетот Нортвестерн го предводеше микробиолошкото истражување во проектот. Таа вели дека е неверојатно тоа што го пронашол тимот, пред се вируси за кои малку се знае или за кои луѓето никогаш досега не ги виделе:

„Неверојатно е колку неискористен биодиверзитет има околу нас – токму пред нашиот нос“, вели Хартман.

Нејзиниот тим открил дека повеќето луѓе во Соединетите Држави поминуваат две третини од својот живот во куќа или стан. Затоа, научниците велат дека е добро луѓето да дознаат што се живее со нив.

За анализата, научниците користеле податоци од претходно истражување, во кое биле собрани примероци од домаќинствата. Утврдено е дека составот на микробите зависи од местото каде што е земен примерокот. Разновидноста на организмите беше толку голема што ниту една заедница за туширање не беше слична. Истото важи и за четките за заби.

Постојат бројни вируси на кои им е потребен друг организам како домаќин на кој потоа предизвикуваат штета. Ваквите вируси предизвикуваат разни болести кај животните и кај луѓето. Но, студијата покажа дека не сите вируси се однесуваат така. Тие населуваат сосема различни средини и формираат сложени заедници. Не се сите вируси штетни – напротив, некои можат да ѝ послужат на науката.

Вирусите идентификувани од тимот припаѓаат на еден вид таканаречен бактериофаг или само фаг. Тие не се опасни за луѓето, но можат да заразат бактерии. Имајќи предвид дека отпорноста на бактериите на антибиотици генерално се зголемува, организмите како што се бактериофагите би можеле да се користат за лекување на бактериски инфекции.

Но, тие исто така може да се користат како средства за чистење. Хартман вели дека тешката употреба на хемиски средства за чистење ја зголемува шансата бактериите да развијат отпорност на нив.

„Треба да ги прифатиме сите. Микробите ги има насекаде и не се разболуваме од огромното мнозинство“, вели Хартман.

Бактерии или вируси во бањата – голема разлика

Животот напредува во влажна средина. Не е случајно што научниците, барајќи живот во вселената, прво бараат вода. Влажните површини во бањата не се само живеалишта за вируси, туку и за бактерии и габи.

Овој тим на научници се занимаваше со оваа тема и пред ова истражување. Истражуваше дали бактериите по активирањето на цистерната во тоалетот, во форма на аеросол, се спуштаат и на четката за заби. Откриле дека најголемиот број бактерии на четката за заби всушност потекнуваат од корисникот, односно живеат во неговото тело.

Во 2018-та година, една студија покажа дека бактериската пневмонија е почеста во САД каде на туш главите се населувале посебни видови микробактерии.

А според најновата студија, токму бактериофагот во бањата ги напаѓа ваквите штетни бактерии.

„Може да се замисли дека преку разумна употреба на бактериофаги можеме да ги отстраниме овие агенси кои предизвикуваат болести од санитарниот систем“, вели Хартман.

Таа додава дека тимот исто така сака да ги проучи сите функции на вирусот и да открие каде тие можат да бидат корисни.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП