Хрватската влада предложи значајни измени на Законот за странци, кои се очекува да го олеснат пристапот на странските работници до хрватскиот пазар на труд.
Ова се смета за најголема промена од јануари 2021 година, кога беа укинати квотите за работни дозволи.
Сега промените се однесуваат на зголемување на безбедноста, предвидливоста и поедноставување на административните процедури, што е од особено значење за македонските печалбари кои бараат работа во Хрватска.
Една од клучните измени е продолжувањето на важноста на работните дозволи на три години, што значително ќе ја олесни процедурата и ќе им овозможи на странските работници подолг период на стабилност и приспособување.
Оваа промена е клучен елемент за привлекување и задржување на квалитетна работна сила од странство, вклучувајќи ја и Македонија, чии работници веќе долго време се присутни во градежниот и угостителскиот сектор на Хрватска.
„Ова ќе бидат најголемите промени по укинувањето на системот на квоти во 2021 година. Тие се во насока на подобрување на безбедноста, предвидливоста и олеснување на административните процедури,“ изјави Иван Видиш, државен секретар во Министерството за труд, пензиски систем, семејство и социјална политика, на јавниот сервис ХРТ.
„Црна листа“ за работодавачите
Измените на законот не се однесуваат само на странските работници, туку и на работодавачите.
Владата планира да воведе „црна листа“ за оние компании кои нема да ги почитуваат законските обврски. Ако работодавачот не го пријави работникот на задолжително осигурување, компанијата ќе биде на црната листа и нема да може да увезе странски работници во следните шест години.
„Сите ние сме желни пазарот да биде уште поорганизиран, да се знае кој доаѓа во Хрватска, но и да бидеме одговорни кон овие луѓе, за да знаат дека сме сериозен пазар на труд“, додаде Видиш.
Што значат промените за македонските работници?
Со оглед на зголемената побарувачка за работна сила во Хрватска, овие промени ќе отворат нови можности за македонските печалбари, особено за оние кои планираат подолгорочен престој и работа.
Трите години важност на работните дозволи овозможуваат поголема стабилност и помали административни потешкотии, што ќе привлече повеќе македонски работници.
Сепак, се очекува дека новите правила за работодавачите ќе го подобрат статусот на работниците, но и ќе постават нови предизвици за оние кои не работат легално.
Со воведувањето на „црната листа“, македонските печалбари ќе имаат сигурност дека ќе работат за компании кои ги исполнуваат сите законски услови, а истовремено ќе се намали ризикот од експлоатација.
Овие измени, кои се очекува да стапат на сила во јануари 2025 година, се важен чекор во реформирањето на хрватскиот пазар на труд, правејќи го поатрактивен за странските работници, меѓу кои и македонските печалбари.
Б.З.М.