Доналд Трамп, поранешниот претседател на САД и претседателски кандидат на републиканците, се врати на местото каде што беше извршен атентат врз него во сојузната држава Пенсилванија, повикувајќи го насобраниот народ да гласа и да ја обезбеди неговата победа на ноемвриските избори.
Трамп го започна собирот на истото место каде што беше во јули кога куршумот на напаѓачот го погоди во увото.
„Пред 12 недели сите пимивме куршум за Америка. Само бараме сите да излезат и да гласаат. Мора да победиме, не смееме да дозволиме ова да и се случи на нашата земја“, им порача тој на насобраните.
Изборниот штаб на Трамп работеше на максимално искористување на медиумскиот интерес за враќање на местото на атентатот, само 30 дена пред претседателските избори на кои тој се кандидира против демократскиот претседателски кандидат, американската потпретседателка Камала Харис.
„Заедно се боревме, заедно издржавме, заедно туркавме напред. И овде во Пенсилванија крвавевме заедно, раскрваривме“, рече Трамп.
На почетокот на митингот тој повика на едноминутно молчење во чест на пожарникарот Кори Комператоре, кој загина во јули додека ги штитеше членовите на своето семејство за време на пукањето.
Присутни беа неколку членови на семејството Комператоре, меѓу кои и неговата вдовица.
Трамп застана зад заштитното стакло кое сега е поставено на сите негови собири на отворено. Тој го нарече атентаторот „жестоко чудовиште“ и рече дека успеал само „благодарение на судбината и Бога“.
На собирот имаше забележително зголемено обезбедување, а на покривите беа забележани и вооружени полицајци.
Трамп ги загуби изборите во Пенсилванија пред четири години, а успеа да ја освои Пенсилванија за републиканците на изборите во 2016 година.
Тој треба да го зголеми одѕивот во конзервативните упоришта како округот Батлер, рурална заедница со мнозинско бело население, ако сака да ја освои Пенсилванија во ноември по поразот пред четири години.
Камала Харис, исто така, ја фокусираше својата кампања на Пенсилванија, каде што одржа неколку митинзи како дел од забележително „агресивен ангажман“ во критичните држави кои би можеле да го одлучат исходот на изборите.
Крис Ла Сивита, висок советник во изборната кампања на Трамп, им рече на новинарите дека е јасно дека Пенсилванија ќе биде „центарот на универзумот во следните 30 дена за двете страни“ и дека тие се многу позитивни за тоа што успеале да го даде на државата.
Во својот говор, Трамп укажа на претходниот став на Камала Харис против фракингот, процес на производство на природен гас клучен за економијата на Пенсилванија, како што правеше претходно.
Тој потоа продолжи да шири, како што се сметаше, „лажни информации“ за федералниот одговор на ураганот Хелен, продолжувајќи да го пренесува тврдењето дека Федералната агенција за управување со вонредни состојби (ФЕМА) им давала на преживеаните од ураганот само 750 долари. АП посочува дека ова се однесува на помошта што агенцијата може да им ја пружи на ранливите веднаш, за итни потреби.
Трамп, исто така, тврдеше дека Харис „изгубила“ повеќе од 325.000 деца мигранти кои „сега се мртви, поробени или едноставно исчезнати“.
АП посочува дека во августовскиот извештај на една организација за надзор на администрацијата се вели дека тоа биле случаи каде што утврдила дека службениците за имиграција не ја следеле постојано местоположбата или статусот на децата мигранти без придружба кога биле ослободени од федерален притвор, и дека тие бројки исто така вклучуваат повеќе од две години од администрацијата на Доналд Трамп.