На неколку пати во последниве месеци Денар објавува анализи и официјални податоци од државните институции кои покажуваат дека македонската економија е во периодот таканаречен „падни стани“. Ништо не може преку ноќ да се промени би рекле новите власти во државата, но граѓаните и бизнисот очекуваа и се уште бараат поефикасни промени. Во „Макроекономскиот монитор“ на Институтот за економски анализи Фајнанс Тинк сликовито се претставени резултатите кои ги остварува стопанството на земјава.
Економистите сметаат дека растот на БДП кој во вториот квартал се зголеми на 2,3 отсто на годишно ниво има подобрување во однос на претходните квартали. Но, забрзувањето е резултат на забавениот пад на извозот 2.9% и повторното интензивирање на падот на увозот -4.5%, како и на растот на јавната потрошувачка 3.5%. Последното, пак, се поврзува со значајното продлабочување на буџетскиот дефицит од 5.8% за првото полугодие од годината, наспроти првичната годишна проекција од 3.6%.
„Во вториот квартал, бруто инвестициите забележуваат благ пад -1.7%, додека приватната потрошувачка расте со благо забавена динамика 1.3%. На производната страна, како и претходно, растот на БДП произлегува главно од растот на услугите (3.6%), иако во овој квартал позитивни движења бележат градежништвото (5.1%) и преработувачката индустрија (0.7%), по падовите во претходните квартали“, се наведува во анализата на Фајнанс Тинк.
Што се однесува до невработеноста во вториот квартал од 2024, понатамошно се намали на 12.5%. За првпат по повеќе квартали, пазарот на труд манифестира помала воздржаност од претходно, имајќи предвид дека се креирани близу 4,500 нови работни места, а активноста на населението се задржа како претходно (52.1%). Сепак, забележливо е дека најголем дел од работните места се создадени во земјоделството и индустријата, додека главните услужни дејности, како трговијата, забележаа намалување на бројот на работни места, и покрај растот на создадената вредност.
Податоците пожажуваат и благ раст на инфлацијата.
„Во вториот квартал од 2024, инфлацијата благо забрза на 3.9% (од претходните 3.4%) на годишна основа. Иако овие движења кај цените се во линија со очекувањата за целата 2024 година, преостанатите пренесени ефекти врз цените, потенцијалните варијации кај одредни групи производи, притисокот што доаѓа од стабилниот пазар на труд и растот на платите (13.3%), како и од потезите на фискалната политика, укажуваат на потребата од понатамошна претпазливост. Благата позитивна динамика на економијата се очекува да продолжи во 2024 година. Изгледите во поглед на инфлацијата остануваат релативно поволни, но зависат од се’ уште присутни критични фактори“, велат од Фајнанс Тинк.
Од Фајнанс Тинк додаваат дека тие ги задржуваат претходните проекции за раст на БДП во 2024 од 2.7% и за раст на цените од 3.8%.
И.П