Кризата на Блискиот Исток се разгорува. Израелската армија (ИДФ) објави дека во воздушните напади извршени синоќа биле уништени десетици локации во долината Бека, кои ги држел Хезболах.
Лидерот на Хамас во Либан, Фатех Шериф Абу ел Амин е убиен во израелски воздушен напад на југот на земјата. Народниот фронт за ослободување на Палестина (ПФЛП) објави дека тројца водачи на палестинската група биле убиени синоќа во израелски воздушен напад врз населбата Кола во Бејрут. САД се плашат од иранска одмазда, се подготвуваат за заедничка одбрана со Израел.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) и израелската разузнавачка служба Шин Бет во заедничка изјава потврдија дека командантот на палестинската милитантна група Хамас во Либан, Фатех Шериф, е убиен во израелски воздушен напад.
Во соопштението се наведува дека Шериф е „шеф на либанскиот огранок на терористичката организација Хамас“. Според израелската војска, Шериф бил одговорен за координирање на активностите на Хамас во Либан со Хезболах, како и за „напорите на Хамас да ги зајакне силите во Либан, на полето на регрутирање оперативци и набавка на оружје“.
Тој „работи на унапредување на интересите на Хамас во (Либан) и политички и воени“, се вели во соопштението.
УНРВА потврди дека Шериф бил вработен во Агенцијата на ОН за палестински бегалци, но изјави и дека е под истрага поради неговите политички активности.
Според либанските медиуми, Шериф е убиен синоќа во напад на бегалскиот камп Ел Бас во градот Тир на југот на Либан.
Смртта на Шериф ја потврди и палестинската група Хамас, која претходно денеска соопшти дека лидерот на таа група во Либан Фатех Шериф Абу ел Амин е убиен во израелски напад во јужен Либан.
Во соопштението на Хамас се додава дека во тој напад биле убиени и неколку членови на семејството на Ел-Амин.
„Фатех Шериф Абу ел-Амин, лидерот на Хамас во Либан и член на раководството на движењето во странство, е убиен во израелски напад врз неговата куќа во кампот Ел Бас во јужен Либан“, се вели во соопштението на Хамас.