OpenAI се соочи со еден од најголемите предизвици од 2015 година, кога беше основана како непрофитна истражувачка организација. Ројтерс објави дека OpenAI работи на реструктуирање, со крајна цел да стане профитна корпорација која повеќе нема да биде контролирана од нејзиниот непрофитен одбор.
Упатените кои разговараа за Ројтерс веруваат дека тоа ќе го направи ChatGPT попривлечен за инвеститорите, а се проценува дека по реструктуирањето неговата вредност ќе биде 150 милијарди долари. За прв пат, неговиот креатор и извршен директор Сем Алтман, исто така, ќе го добие својот удел во OpenAI.
Дури во 2019 година, Open AI го додаде профитниот ентитет OpenAI LP на компанијата како подружница на нејзината непрофитна организација. Така тие обезбедија капитал од Microsoft за финансирање на истражувањето.
По оваа реорганизација, која може да означи опасен преседан во менаџментот на компанијата, уште повеќе ќе се зголеми стравот од недостиг на контрола врз вештачката интелигенција, кој до сега постоеше во јавноста.
Иако од OpenIA пристигнуваат гласови дека непрофитниот одбор ќе постои и по реструктуирањето, но ќе има малцински удел во компанијата, малку е веројатно дека тоа ќе ги отфрли сомнежите и стравовите – сосема спротивното. Несомнено е дека новата структура на компанијата ќе влијае на тоа како таа ќе управува со ризиците поврзани со вештачката интелигенција.
„Остануваме фокусирани на градење на вештачка интелигенција која им користи на сите и работиме со нашиот одбор за најдобро да се позиционираме за да успееме во нашата мисија. „Непрофитната организација е во сржта на нашата мисија“, рече портпаролот на OpenAI.
Конкретниот план за реструктуирање се уште се преговара со адвокатите и акционерите, а не се знае кога би можел да заврши процесот.
Мира Мурати ненадејно ја напушта компанијата
Оваа вест доаѓа по низата промени во раководството на стартапот. Долгогодишниот директор на OpenAI, Мира Мурати, ненадејно го објави своето заминување од компанијата во средата, по шест и пол години. Не се знае дали нејзиното заминување има врска со најавеното преструктуирање. Подоцна во текот на денот, беше објавено дека шефот на истражувањето Боб Мекгру и Барет Зоф, потпретседател за истражување, исто така заминуваат. Дополнително, ко-основачот Џон Шулман минатиот месец изјави дека заминува за да му се придружи на конкурентот Антропик.
Има многу луѓе кои сакаат да инвестираат во бизнисот на компанијата која, со лансирањето на ChatGPT во 2022 година, стана најпознатиот стартап кој развива вештачка интелигенција. Претходно овој месец беше објавено дека компанијата бара финансирање од 6,5 милијарди долари. CNBC неофицијално дознава дека Thrive Capital планира да инвестира 1 милијарда долари во OpenAI, Tiger Global ќе се приклучи на финансирањето, а Nvidia и Apple наводно исто така се во преговори за инвестирање. Се очекува и овојпат во финансирањето да учествува Microsoft, кој од 2019 година инвестираше 13 милијарди долари во OpenAI.