Германија ризикува да се соочи со остар економски пад доколку Доналд Трамп биде избран за претседател на САД и одлучи да ги исполни своите закани дека ќе воведе уште повисоки царини за увезената стока, предупредија економистите цитирани од „Telegraph“.
Ветувањата на Трамп дека ќе воведе царини од 60 отсто за целиот увоз од Кина и 20 отсто за увозот од други земји ќе ја погодат германската автомобилска и фармацевтска индустрија, предупреди институтот Ифо.
Германскиот извоз на автомобили во САД ќе падне за 32%, а продажбата на фармацевтски производи за 35%. Обемот на кризата би зададе сериозен и постојан удар на бруто домашниот производ (БДП) на најголемата европска економија, која досега не успеа да се опорави од пандемијата на коронавирус.
Вредноста на германскиот извоз во САД ќе се намалува за повеќе од 33 милијарди евра годишно, предупредува Ифо.
Ризикот од ваквото сценарио го зголемува мрачното расположение кај економистите за Германија, каде што централната банка, Бундесбанк, веќе посочи дека економијата „може да стагнира или пак да се намали“ овој квартал.
Заводот за статистика на земјата не објави целосни податоци за состојбата на индустриите, вклучително и малопродажбата, од пролетта, а Германската социјалдемократска партија (ГСДП) на канцеларот Олаф Шолц беше засенет на регионалните избори од екстремно десничарската Алтернатива за Германија.
Севкупно, германскиот извоз во САД – кој изнесуваше вкупно 220 милијарди евра минатата година, или повеќе од една десетина од вкупниот извоз на земјата – ќе падне за речиси 15 отсто, проценува Ифо.
Во исто време, царините на Трамп би имале индиректен ефект врз германскиот извоз во Кина, кој би се намалил за речиси 10 отсто.
„Доколку Трамп биде реизбран и започне нова трговска војна со Кина, Германија, како земја извозник, ќе настрада сериозно“, истакнува Лисандра Флах од Ифо.
Ситуацијата би била уште полоша доколку Кина му возврати на Вашингтон со свои протекционистички мерки, додава Ифо.
Единствениот спас би бил доколку американскиот протекционизам пренасочи некои германски производи кон Мексико и Канада, додека американските стоки и услуги ги направи помалку конкурентни на глобалната сцена. Како резултат на тоа, вкупниот извоз на Германија ќе се намали за околу 2 отсто.

Флах посочува дека долгорочното влијание на предложените тарифи на Трамп „ќе биде поголемо од ефектите на Брегзит, со одржливо намалување на реалниот БДП од 0,25 отсто“.
„Причината не е само помалиот извоз во САД, туку и помалиот извоз на интермедијарни и финални стоки во Кина, бидејќи кинеската економија ќе претрпи големи загуби од царините од 60 проценти како што ги најави Трамп во неговата кампања“, додава Флах.
Ова дополнително ќе ја поткопа германската економија по пандемијата. Германскиот БДП бележи исклучително слаб раст, при што моќните индустриски центри во земјата се попречени од загубата на евтината руска енергија и слабата побарувачка од клучните клиенти во Кина.
Падот во германскиот производствен сектор се продлабочи во септември, при што производството падна од 42,8 поени во август на 12-месечен минимум од 40,5 поени, покажа индексот на менаџери за набавка на S&P Global (PMI).
Производителите ја намалуваат работната сила со најбрзо темпо во последните 15 години, исклучувајќи ја пандемијата, бидејќи пропаднаа новите нивоа на нарачки.
На ова може да се додаде и одлуката на автомобилскиот концерн „Volkswagen“ да почне да ги затвора германските фабрики за да ги намали трошоците.
Германскиот БДП ќе се намали за 0,2 отсто овој квартал по падот од 0,1 отсто меѓу април и јуни, прогнозира „Hamburg Commercial Bank“.
Во Франција, крајот на Олимпијадата предизвика огромен пад на активноста, при што „PMI“ падна на 47,4 во септември од 53,1 еден месец порано.
„Ова го потврдува сомнежот дека скокот на услугите во август беше аномалија поврзана со Олимпијадата која сега исчезнува“, рече Тарик Камал Чаудри, економист во „Hamburg Commercial Bank“.