Во изминатите неколку години, детските родендени се претворија од едноставни собири исполнети со игра, торта и песна во настани слични на мали свадби, каде што главниот фокус е на подароците, а не на самото славење.
Денес, сè почесто се забележува трендот дека парите се најпосакуваниот подарок, додека играчките и традиционалните поклони се на маргините.
Порано, родендените беа едноставни и интимни настани. Децата се собираа на едно место, играа, пееја и јадеа торта. Подароците беа скромни и симболични – играчки, по некоја облека, шолја за чај, рамка за слика, па дури и тетратка и молив.
Родителите организираа домашни забави, каде што целта беше заедничка радост и забава.
Но денес, нешто е сменето.
Парите како единствен прифатлив подарок
Според бројни дискусии на интернет форумот Редит, многу луѓе го забележуваат истиот тренд: парите станаа доминантен и единствен прифатлив подарок за родендени.
Оваа појава не е изолирана само за Македонија, но е особено видлива кај нас.
Децата и родителите очекуваат паричен прилог, а секој друг подарок се смета за „недоволен“ или „непрактичен“.
Тие што сепак се одлучуваат за традиционални подароци, често наидуваат на чудење или незадоволство.
Интересен феномен
Психологот Сања Љубеновиќ од Скопје го објаснува овој феномен наречен „роденден како мини-свадба“.
„Во последните години забележуваме дека родендените во Македонија значително се промениле во својата суштина. Од прослави каде што целта беше заедничко дружење и уживање, родендените стануваат настани со сè поголема обврска за гостите да донесат што поголема сума на пари. Ова доаѓа од глобалниот тренд на комодификација на сè – па дури и на пријателските и семејните односи. Наместо вредноста на блискоста и љубовта, се истакнува вредноста на материјалното“, објаснува Љубеновиќ.
Таа додава дека ваквата промена е исто така резултат на социјалните мрежи, каде што „луѓето чувствуваат притисок да ги организираат родендените како гламурозни настани, слични на свадби, со што се креира култура на очекувања и обврски, која дополнително ја зголемува вредноста на парите како подарок“.
Одраз на пошироките општествени промени
Трендот на „родендените како мини-свадби“ не е само прашање на роденденските подароци, туку е одраз на пошироките општествени промени.
Од една страна, тоа е резултат на зголемената комерцијализација и потребата за „покажување“ на социјалните мрежи.
Тоа е и сигнал за промени во вредностите на општеството, каде што материјалното станува поважно од емоционалното.
Б.З.М.