Со оглед на сè почестите барања за транспарентност и одговорност во јавниот сектор, група градоначалници во Македонија предводи иницијатива за воведување на механизам кој би им овозможил на граѓаните да ги отповикаат своите градоначалници пред истекот на нивниот мандат.
Оваа пионерска идеја, која се развива во моментов, претставува директен одговор на потребата за поголемо учество на граѓаните во локалното самоуправување и може да доведе до спроведување референдум на кој ќе се гласа за иднината на актуелните градоначалници.
Уставните експерти го поддржуваат овој предлог, истакнувајќи дека е крајно време да се овозможи таков механизам, особено во време кога одредени градоначалниците ја злоупотребуваат со својата положба.
Според нив, оваа промена би можела да донесе нова ера на одговорност и да ги заштити интересите на граѓаните, кои сè уште немаат ефикасен начин да ги отповикаат своите локални лидери.
„Оваа иницијатива е од суштинско значење за демократијата и правото на граѓаните да имаат контрола врз оние кои ги претставуваат. Механизмот за отповикување ќе служи како важен инструмент за гарантирање на одговорноста на градоначалниците и ќе им овозможи на граѓаните да ги исправат грешките без да ги чекаат наредните избори“, објаснуваат уставните експерти со коишто разговаравме.
Кога веќе постои механизам за отповикување на претседател на државата, додаваат познавачите, тогаш логично би било да постои и механизам за отповикување на градоначалниците.
„Ако претседателот на државата се огреши, тогаш може да се активира алатката ‘импичмент’ и да се гласа за негово предвремено отповикување од функцијата. Но, ние веќе 22 години немаме алатка која предвидува предвремено отповикување на градоначалниците. Актуелниот Закон за локална самоуправа мора да претрпи промени. Во регионот, единствено Македонија нема механизам за отповикување на градоначалници“, коментираат експертите.
Ваквата иницијатива се смета за значаен чекор кон засилување на демократските процеси во земјата и може да послужи како модел за други региони кои се соочуваат со слични предизвици.
Со овој потег, Македонија би можела да стане пример за промовирање на граѓанска моќ и учество во управувањето со локалните заедници. Останува да се види како овој предлог ќе биде применет и како ќе влијае на политичкиот пејзаж на земјата во иднина.
Б.З.М.