„OpenAI“ објави дека бројот на корисници на нивниот чет-бот „ChatGPT“ драстично пораснал во последната година, достигнувајќи повеќе од 200 милиони активни корисници на неделно ниво. Овој раст претставува удвојување на базата на корисници во споредба со претходната година, што ја потврдува доминантната позиција на „ChatGPT“ во светот на генеративните алатки за вештачка интелигенција.
Оваа информација е од голема важност бидејќи, иако „ChatGPT“ сè уште е лидер меѓу генеративните чет-ботови со вештачка интелигенција, конкуренцијата на ова поле станува се поинтензивна. Големите технолошки гиганти како „Microsoft“, „Google“ и „Meta“ постојано работат на подобрување на нивните чет-ботови за да привлечат што е можно повеќе корисници.
Според „OpenAI“, дури 92% од компаниите на „Fortune 500“ ги користат нивните производи, а користењето на автоматизираното „API“ на овој четбот е двојно зголемено од јули, кога беше објавена новата верзија на „GPT-4o mini“. Овие податоци укажуваат на зголемената важност на „OpenAI“ алатките во различни сектори, вклучително и здравството и образованието, каде што се користат за решавање на секојдневните задачи, сложени проблеми и стимулирање на креативноста.
Сем Алтман, извршен директор на „OpenAI“, изјави дека луѓето сега ги користат нивните алатки како дел од нивниот секојдневен живот, што доведува до вистински промени во различни области.
„Нашите алатки сега се дел од секојдневниот живот, правејќи значителна разлика во областите како што се здравството и образованието – без разлика дали помагаат во рутински задачи, решавање тешки проблеми или отклучување на креативноста“, рече Алтман.
И додека „OpenAI“ бележи раст на корисниците, „Meta“ исто така објави значително зголемување на употребата на своите модели „Llama“. Употребата на овие модели со отворен код се удвои помеѓу мај и јули оваа година, што дополнително ја загрева конкуренцијата меѓу водечките играчи на пазарот за генеративна ВИ технологија.
Во ова динамично опкружување, битката за корисниците станува се пожестока и сите водечки играчи вложуваат напори нивните чет-ботови да станат прв избор на корисници ширум светот.