Со новиот Закон за забрана на нефер трговски практики, Владата воведува значајни промени во регулативата со цел да се стави крај на високите маржи кои ги оптоваруваат потрошувачите.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека политиката на Владата не е да поттикнува вештачки зголемена потрошувачка, туку да гарантира стабилност на валутата и да ја заштити куповната моќ на граѓаните.
Според новиот закон, маржите на трговците ќе бидат ограничени на максимум 10 отсто од производствената цена, што е значително намалување од сегашните 30 до 40 отсто.
Оваа мерка се очекува да донесе пониски цени за потрошувачите и поголема правичност во трговијата.
Економистите со коишто разговаравме на оваа тема ги коментираат последиците од новиот закон:
„Ограничувањето на маржите ќе придонесе кон пониски цени на прехранбените производи и ќе го зголеми конкурентниот дух меѓу трговците, што на крајот ќе резултира со подобрување на квалитетот на услугата. Сепак, треба да се внимава да не се наруши рамнотежата на пазарот и да се осигура дека мерките нема да имаат негативно влијание врз малите и средни претпријатија“, предупредуваат економистите.
Овие промени се дел од поголемиот план на Владата за реформи во економската политика, кој вклучува и мерки за поддршка на домашните производители и заштита на потрошувачите.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше усвоен со големо мнозинство во Собранието и се очекува да влезе во сила во наредните месеци.
Новиот закон за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март годинава и содржи околу 26 нефер трговски практики.
На компаниите им беше оставен период од шест месеци да се приспособат.
За непочитување на законските одредби, засега се предвидени глоби до 20.000 евра, а рабатот за околу 2.500 производи е ограничен на 10 отсто.
Трговците имаат можност да достават забелешки на Предлог-листата најдоцна до 25 октомври годинава.
Б.З.М.