Германија издаде европска потерница за украински инструктор по нуркање, кој наводно бил дел од тимот што го разнел гасоводот Северен тек, објавија во средата три германски медиуми.
Германските истражители веруваат дека човекот, чија последна позната адреса е во Полска, бил еден од нуркачите кои поставиле експлозивни направи на гасовод од Русија до Германија под Балтичкото Море во септември 2022 година.
Овие наводи ги објавија весниците SZ и Zeit (Die Zeit) и телевизијата АРД, повикувајќи се на неименувани извори, објавени од Current Time – медиумски проект на руски јазик кој го води RSE во соработка со Гласот на Америка (VOA).
Германското обвинителство одби да ги коментира извештаите.
Во јуни, Германија побара од Полска да го уапси човекот, се вели во извештајот.
Полска во средата потврди дека добила германска потерница за Украинец осомничен за саботажа на гасоводот Северен тек во 2022 година.
Полските обвинители изјавија за АФП дека добиле налог за „Володимир З“ во јуни „во врска со постапката против него во Германија“, но осомничениот заминал за Украина пред да биде приведен.