„Ford Mustang Mach-E“ успеа да помине 916,7 километри минатата недела пред да остане без струја.
Овој резултат го постигнаа возачите Кевин Букер и Сем Кларк, кои возеа „Mach-E Premium Extended Range“ со капацитет на батерија од 91 kWh и официјален, фабрички деклариран „WLTP“ опсег од 600 километри.
Станува збор за верзија со погон на задните тркала со мотор од 294 ks/216 kW.
Рекордно возењето беше реализирано на јавните патишта на североистокот на Велика Британија и вклучуваше комбинација од сите видови патишта, поради најреалните услови за возење.
Беа потребни нешто помалку од 24 часа за да се заврши ова возење. Тоа секако е демонстрација на ефикасноста на електричните автомобили, но сепак не е применлива во секојдневното возење.
Инаку, истите возачи претходно поставија рекорди за мала потрошувачка на енергија кај електричните автомобили.
Претходниот рекорд го држеше кинескиот „Zeekr“, кој во септември 2023-та година мина 907,6 километри во Кина.
Треба да се напомене дека претходно „Mercedes“ со едно полнење помина 1.202 километри од Штутгарт во Германија до Силверстон во Велика Британија.
Резултатот го постигна концептниот автомобил „EQXX“, но рекордот не беше официјално потврден и не беше од сериски автомобил.