Еден од начините на кои можеме да се грижиме за здравјето на црниот дроб е преку исхраната.
Црниот дроб е еден од најважните органи во телото. Има многу функции, вклучувајќи филтрирање на крвта, отстранување на токсините, опасните бактерии и други штетни материи, следење на нивото на амино киселини и складирање на витамини.
Нутриционистот Серена Пун верува дека поддршката на здравјето на црниот дроб преку диета е исто така најдобра опција.
„Исхраната е важен дел за одржувањето на здрав црн дроб. Црниот дроб исто така игра клучна улога во метаболизмот на сите макронутриенти, а прекумерното внесување на која било од нив може да влијае на неговата ефикасност и на вашето здравје. Затоа, исхраната богата со масти, шеќер, сол, алкохол и преработена храна може да има штетни ефекти врз вашиот црн дроб“, истакнува Пун.
Панелот од диететичари и нутриционисти на Parade издвои некои од најдобрите опции за храна кога станува збор за здравјето на црниот дроб. Подолу издвојуваме дел од нивните предлози.
Темно лиснат зеленчук
Пун истакнува дека „истражувањето открило ветувачки докази дека природните нитрати во зелените можат да го поддржат здравјето на црниот дроб“. Храната како спанаќ, рукола и кељ се здрави додатоци на секоја диета, особено за луѓето кои живеат со хепатитис Ц“.
Таа додава дека лиснатиот зеленчук е „богат со антиоксиданси, фитонутриенти, витамини, минерали и влакна кои го поддржуваат целокупното здравје“. Лиснатото зеленило се смета за една од најдобрите антиинфламаторни намирници“.
Грејпфрут
Нутриционистот Андреа Матис го издвои грејпфрутот како уште една одлична опција.
„Грејпфрутот често се поврзува со губење на тежината или намалување на мастите, но всушност придонесува за здравјето на црниот дроб. Содржи антиоксиданси кои природно го штитат црниот дроб и можат да помогнат да се намали воспалението“, вели Матис.
Див лосос, сардини и скуша
Многу луѓе знаат дека јадењето риба има позитивен ефект врз здравјето. Нутриционистот и диететичар Лорен Минхен истакнува дека „омега-3 масните киселини, кои се наоѓаат во овие риби, се есенцијални масни киселини кои имаат и силно антиинфламаторно дејство. Тие ги намалуваат триглицеридите и помагаат во намалувањето на ЛДЛ холестеролот, а се покажа дека ја намалува активноста на вирусот на хепатитис Ц додека истовремено ја подобрува функцијата на црниот дроб“, известува Парад.
Боровинки, малини и јагоди
На листата на нутриционисти се и бобинките.
„Бобинките се богати со антиоксидативен витамин Ц, витамини од групата Б (вклучувајќи фолна киселина) и други антиоксидантни фитонутриенти“, вели Минхен, додавајќи:
„Витаминот Ц активно го намалува вирусното оптоварување кај случаите со хепатитис Ц, додека го намалува оксидативниот стрес на црниот дроб. Фолната киселина го поддржува природниот процес на детоксикација на црниот дроб, додека низа фитонутриенти во бобинките го намалуваат воспалението поврзано со заболување на црниот дроб.
Јаткасти плодови
„Јаткастите плодови се одличен извор на здрави масти и други важни хранливи материи кои вообичаено се поврзуваат со здравјето на срцето, но истражувањата покажуваат дека овие состојки може да придонесат и за здравјето на црниот дроб“, заклучува Матис.