Во наредниот период Израел ќе доживее два брана напади, еден од Иран и еден од Хезболах, изјавија американските разузнавачки служби на безбедносен брифинг утринава до американскиот претседател Џо Бајден, за ситуацијата на Блискиот Исток.
Според Џерусалим пост, она што тие не му го кажале на американскиот претседател е кој прв ќе удри и кои цели ќе вклучуваат ударите.
Според Белата куќа, за време на состанокот во кризната соба, Џо Бајден и Камала Харис биле информирани од тимот за национална безбедност на Белата куќа за случувањата на Блискиот Исток, вклучително и за заканите што Иран и неговите сојузници претставуваат за Вашингтон.
Американскиот претседател и потпретседателот беа информирани и за нападот на воздухопловната база Ал Асад и мерките што се разгледуваат за заштита на припадниците на вооружените сили на САД и одговор на секој напад.
Тие беа информирани за движењата на американската војска за поддршка на одбраната на Израел во случај тој повторно да стане цел на напад. Исто така, и за дипломатските напори за намалување на тензиите во регионот и за – сè уште неуспешните – обиди за постигнување прекин на огнот во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас.
Која е улогата на Русија?
Истовремено, иранските медиуми јавуваат дека Техеран побарал од Русија напредни противвоздушни системи додека се подготвува за можен израелски одговор.
Како што пренесува „Њујорк тајмс“, двајца ирански функционери, еден од Револуционерната гарда, го потврдиле иранското барање, додавајќи дека започнал трансферот на системот од Русија.
Се потсетува дека вчера, понеделник, во Иран престојуваше шефот на рускиот Совет за безбедност Сергеј Шојгу, кој по средбата со шефот на иранските вооружени сили генерал Мохамад Багери изјави дека „тие се подготвени за целосна соработка со Иран за регионални прашања“.
Сојузниците му порачаа на Израел да не претерува
Од друга страна, израелската државна телевизија Кан објави дека претставници на земјите кои се подготвуваат да му помогнат на Израел во случај на напад од Иран го предупредиле Тел Авив да не одговара со голема сила.
„Не претерувајте“ беше пораката што западните функционери и ја испратија на владата на Нетанјаху, додавајќи „размислете сериозно пред да возвратите. Целта на крајот на денот не е да влезете во војна од целосен обем“.
Се потсетува дека минатиот април, кога Иран изврши масовен напад со беспилотни летала и ракети, силите од САД, Велика Британија, Франција, Катар, Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати и Бахреин беа на одбранбената страна на Израел.