Франција мора да го намали својот јавен дефицит за 112 милијарди евра во следните седум до 12 години, ако сака да избегне влегување во должничка спирала како италијанската, велат економистите кои ја советуваат владата, пишува Џорџо Леали за „Politico“.
За разлика од нејзиниот јужен сосед, Франција сè уште може да избегне да падне во замката да мора да троши прекумерно за да го плати својот долг, но мора да дејствува брзо, соопшти Советот за економски анализи.
Во изминатиот месец, администрацијата на францускиот претседател Емануел Макрон почна да воведува одреден ред во јавните финансии по долгогодишното големо трошење по пандемијата и зголемената цена на енергијата.
„Добрата вест е дека Франција засега ја контролира сопствената судбина. Нашиот долг е директна последица на нашиот буџетски избор. Ова не е механичка акумулација на снежна топка која се тркала по стрмен рид“, за разлика од Италија, каде јавниот долг продолжува да расте поради зголемувањето на каматните стапки и покрај намалувањето на трошоците“, напишаа членовите на Советот Адриен Оклер, Томас Филип и Ксавиер Раго.
Забелешката препорачува намалување на примарниот буџетски дефицит (пред камата) – за 4 процентни поени од БДП-то на земјата во следните 7 до 12 години.
Побрзото намалување ќе го поткопа растот, додека побавното намалување ќе резултира со преголеми трошоци за сервисирање на долгот, велат тие.
Дали овие препораки ќе се послушаат останува да видиме. Се наѕира неизвесност кој ќе владее со Франција и кој ќе треба да се справи со финансиските проблеми на земјата.
Левичарскиот Нов народен фронт, кој излезе на врвот на предвремените избори ова лето, предложи скапи мерки за социјална помош, вклучително и торпедирање на контроверзната пензиска реформа на Макрон, која ја зголеми законската старосна граница за пензионирање од 62 на 64 години за повеќето работници.
Екстремно десничарското Национално собрание неодамна сигнализираше дека е подготвено да ја поддржи екстремната левица во нејзините обиди да ја укине реформата.
Заедно со шест други земји, Франција веќе се соочува со процедурата за прекумерен дефицит на ЕУ поради кршење на правилата за јавна потрошувачка. Министерот за финансии во заминување Бруно Ле Мер веќе му вети на Брисел дека ќе го намали дефицитот на Франција на 3 отсто од нејзиниот БДП и ќе ги исполни правилата за дефицит на ЕУ до 2027-ма година.
Француската канцеларија за ревизија неодамна ги критикуваше економските перформанси на владата, велејќи дека таа не успеала ефективно да ги намали трошоците и дека нејзините ветувања за намалување на долгот во иднина се „нереални“, заклучи Лели.