Концернот „Stellanti“s има 14 брендови во своето портфолио. Во случај да не се сеќавате на сите, еве ги: „Citroën“, „Fiat“, „Opel“, „Vauxhall“, „Peugeot“, „Abarth“, „Ram“, „Dodge“, „Chrysler“, „Jeep“, „Lancia“, „DS Automobiles“, „Alfa Romeo“ и „Maserati“. Автомобилскиот гигант беше создаден на почетокот на 2021-ва година кога „PSA Group“ се спои со „Fiat Chrysler Automobiles“.
Сепак, целиот овој огромен асортиман ќе мора да се рационализира во одреден момент, рече извршниот директор на „Stellantis“, Карлос Таварес, кој за „Reuters“ изјави дека некои брендови може да бидат прекинати: „Ако не заработат пари, ние ќе ги затвориме. Не можеме да си дозволиме да имаме брендови кои не заработуваат пари“.
Шефот не именуваше ниту еден од брендовите кои се изложени на ризик од суспензија, но јасно е дека некои се повеќе изложени на ризик од другите. Експертите од индустријата посочија дека „Stellantis“ најверојатно ќе се обиде да го продаде „Maserati“ и да ги укине „Lancia“ и/или „DS“, но ова се шпекулации. Она што е сигурно е дека под гигантскиот корпоративен чадор има неколку марки кои се преголеми за да бидат оставени да пропаднат: „Fiat“, „Opel/Vauxhall“, „Peugeot“, „Citroën“, „Jeep“ и „Ram“.
Останатите компании се ранливи, дури и „Alfa Romeo“. Времето ќе покаже дали „Stellantis“ ќе ги задржи „Dodge“ и „Chrysler“, а вториот изгледа особено загрозен бидејќи има само еден модел во својата постава, стариот миниван „Pacifica“.
Пред само 3 години, Таварес веднаш по создавањето на „Stellantis“ објави дека концернот ќе инвестира во 14-те брендови во следните 10 години. Сè уште не им е истечен рокот, но веќе има алармантни сигнали дека некои од компаниите нема да издржат толку долго.
„Stellantis“ е четвртиот најголем производител на автомобили во светот, но управувањето со толку многу брендови на автомобили се покажува тешко во сè поконкурентна индустрија. Акциите на групацијата паднаа за 22 отсто во оваа година по послабите од очекуваните финансиски резултати во првата половина на 2024-та година. Прилагодените оперативни приходи паднаа за 40 отсто, главно поради северноамериканскиот пазар. Нето приходите се намалени за 14%, додека нето добивката е намалена за 48%.
Во Северна Америка, продажбата е намалена за 18 отсто во споредба со првата половина на 2023-та година. „Stellantis“ споменува дека испораките се намалени бидејќи четири модели се прекинати – „Dodge Charger“ и „Challenger“ заедно со „Jeep Renegade“ и „Cherokee“. Покрај тоа, продажбата на „Ram 1500“ беше помала бидејќи пикапот помина низ ажурирање на средината на циклусот што ги забави работите.
На друго место, „Stellantis“ претрпе пад од шест отсто во продажбата во регионот на Европа и Јужна Америка. На Блискиот Исток и Африка, испораките се зголемија за три проценти, главно благодарение на тројно зголемување на продажбата на „Fiat“.