Бизнис конфедерацијата предлага нов концепт во процесот на јавните набавки. Од ова бизнис здружение подготвија модел кој на писмено е испратен до владата, а има за цел да ги елиминира сите досегашни слабости со кои се соочуваа како компаниите така и државата. Од Бизнис конфедерацијата велат дека доста само лажно се кука дека имало договори во „четири очи“, ако навистина сакаме да промениме нешто тогаш треба да се даде шанса на нашиот предлог.
Стопанствениците се на став дека најважна од се е транспарентноста во процесот на јавните набавки. Бизнис конфедерацијата достави допис конкретно до Министерството за финансии во кои стои план како да се реорганизираат јавните набавки, бидејќи велат дека им е смачено да го знаат исходот уште пред да се објави дадена јавна набвка од страна на државна или локална институција.
„Мислиме дека можеме да дојдеме до елиминација на најголемиот сомнеж, а тоа е корупцијата – поттикната од тоа што државата мора да купува добра и услуги од локалниот бизнис. Нашиот план е Министерството за финансии да биде 50 отсто сопственик на новото биро за јавни набавки, или новата компанија задолжена за јавни набавки, но удел да има и локалната самоуправа во која ќе се управува заеднички во целокупниот процес на јавни набавки. А луѓето кои ќе работат таму ќе бидат благовремено информирани за сите цени кои се во светот. На тој начин ќе имаме еднаквост, конкурентност и следователност на цените“, велат од Бизнис Конфедерацијата.
Ова според Бизнис конфедерацијата на Македонија е единстениот начин на кој може да се воспостави контрола, но и да се даде отчет и да се даде една сигурност дека работите не се наместени од самиот старт. Дополнително, само вака ќе го отвориме пазарот, но и ќе се доближиме до европскиот пазар – онаму каде што целиме и ќе овозможиме пристап не само на домашни туку и на странски фирми. Така ќе се подобри конкурентноста, а со тоа и квалитетот, но ќе се добијат и реалните цени на даден производ или услуга, сметаат бизнисмените.
Овој модел кој го нуди Бизнис конфедерацијата веќе 15 години се практикува во Данска, и во нивниот случај државата е сопственик на компанијата за јавни набавки и добива еден процент од вредноста на сите јавни набавки. Со тоа ги обезбедуваат оперативните трошоци и платите, и што е најважно нема дискрапанци во цени за еден ист производ.
И.П