Во последно време, огласите за негуватели на стари лица кои бараат работа станаа сѐ почести.
Семејствата се наоѓаат пред тешка одлука: дали да ги сместат своите стари и изнемоштени родители во домови за стари лица или да ангажираат професионални негуватели за домашна нега.
Со оглед на лошата репутација на многу домови за стари лица во земјата, граѓаните сè повеќе се вртат кон социјалните мрежи или препораки за наоѓање негуватели.
Сепак, платата останува спорна точка, бидејќи малкумина се подготвени да преземат таква одговорност за сума помала од 25.000 денари.
Скопјанката Сузана Мирчевска која активно бара негувател за својот болен татко, вели:
„Тешко е да се најде некој кој е навистина посветен на работата и кој сака да помогне. Сите бараат плата од 500 евра, но работата со стари и болни лица бара многу повеќе од обичен работен однос – бара посветеност и емпатија“, објаснува Мирчевска.
Оваа изјава го отсликува општествениот став кон негата на старите лица и ги истакнува предизвиците со кои се соочуваат семејствата при носењето на оваа тешка одлука.
На оваа тема разговаравме и со 40-годишната Бисера од Скопје, која неколку години работи како негувателка, а иво моментов се грижи за 75-годишна жена во Лисиче.
„Секој ден, од 9 до 16 часот, го поминувам со жената и секој ден ми е полн со предизвици и задоволство. Таа има богата историја и секоја приказна што ја раскажува е лекција за животот. Но, работата како негувател не е лесна. Потребна е голема посветеност и разбирање, особено кога се работи со хронично болни пациенти. Платата е само еден аспект, но она што навистина се брои е знаењето дека правите разлика во животот на некого. И покрај финансиските ограничувања, мојата мотивација останува силна поради благодарноста што ја добивам од семејството и од самата пациентка“, ни изјави Бисера.
На крајот на краиштата, секое семејство сака да обезбеди најдобра можна грижа за своите најмили, но реалноста често пати е комплексна и полна со компромиси.
Б.З.М.