1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтранските инвеститори задоволни од поедноставената процедура за добивање работни дозволи

Странските инвеститори задоволни од поедноставената процедура за добивање работни дозволи

saracini

Мерките за либерализација на постапката за издавање работни дозволи за странските државјани кои работат во Македонија во голема мерка ја олеснуваат постапката и имаат позитивни ефекти на терен. Ова се резултатите од анкетата спроведена во 73 компании во земјава со доминантен странски капитал, што ја спроведе Министерството за економија во рамките на проектот „Отворена врата за странските бизнисмени“.

Како што соопшти Министерството за економија, целта на оваа анкета беше да се направи евалуација на мерките што се реализираат во изминатиот период од повеќе релевантни институции, а кои беа направени со цел да се олесни постапката за работен ангажман во земјава за странските државјани, што беше едно од клучните барања на странските инвеститори во земјава.

– Подобрувањето на бизнис климата во земјава е еден од врвните приоритети на кој јас како министер сум целосно посветен. Сите мерки што ги носиме во насока на подобрување на условите за водење на бизнис и намалување на бирократските процедури ги правиме во дијалог со бизнис заедницата на транспарентен начин, бидејќи само така мерките можат да донесат реални ефекти. Нашиот дијалог и напори на овој план продолжуваат и во следниот период, бидејќи процесот за привлекување странски инвестиции продолжува и ќе се менува согласно потребите на реалниот сектор, изјави министерот Сарачини.

Во рамките на анкетата, која што беше спроведена од страна на Министерството за економија беа собрани и податоци за предлози од страна на странските компании кои беа опфатени во оваа анкета, за натамошно олеснување на процедурите. Странските бизнисмени имаат одредени барања кои ќе бидат разгледувани и во рамки на можностите на Министерството за труд и социјална политика, во чија надлежност изготвувањето на Законот за вработување и работа на странци, ќе бидат имплементирани во законски измени.

Согласно препораките на Светската банка за подобрување на условите за водење бизнис во земјава, веќе се направени законски измени и дополнувања минатата година.  Фокусот на овие измени беше ставен на постапката за издавање работна дозвола при што овие измени овозможија олеснување на постапката за добивање дозвола за вработување или работа на странец, со тоа што процесот на добивањето на работната дозвола се заокружува во Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Владата во наредниот период ќе отпочне постапка за избор на консултантска куќа која ќе врши истражување и ќе дава препораки во делот на постапката за издавање работни дозволи за странци. Исто така, таа ќе направи компаративна анализа на законодавството на Република Македонија со законодавството во земјите од Европската унија и врз основа на таа анализа ќе треба да даде мислење и сугестии согласно нивното убедување за оваа проблематика.

Условите и начинот под кои странците може да се вработуваат и да работат во Република Македонија, освен ако со меѓународен договор не е утврдено поинаку, се уредени со Законот за вработување и работа на странци кој стапи на сила во септември 2007 година. Со него се утврдуваат основите на политиката за вработување и работа на странци, условите за издавање работни дозволи, видовите на работни дозволи, како и постапката за нивно издавање. Освен тоа, со Законот се уредуваат условите за прекугранично давање услуги од странски компании, преку упатување на работници во филијали и здруженија на странски компании во Република Македонија, потоа сезонската работа на странците, како и работата на странски претставници во компании и самовработување на странци во Република Македонија.

Законот за вработување и работа на странци е целосно усогласен со законските прописи и одделните регулативи на Меѓународната организација на труд и на Европската унија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП