8 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОтворена Регионална стопанска комора во Кавадарци

Отворена Регионална стопанска комора во Кавадарци

PANORAMAmed

Стопанската комора на Македонија денеска отвори Регионална канцеларија во Кавадарци која ќе ги опслужува компаниите од овој регион, кој остварува 17 проценти од извозот.

Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески фирмите во оваа Комора ќе можат да бидат услужени со сите оние комерцијални услуги на Стопанската комора што значат подобрување на нивната позиција во конкурентната економија на Балканот и пошироко

– Овој регион опфаќа 16 проценти од територијата на државата и тука се остварува 17 отсто од извозот на Република Македонија. Посебно е значајно што е ова единствен регион во кој има значаен суфицит на извозот над увозот. Тоа значи дека 57 проценти од бруто домашниот производ се остварува во реалниот сектор во овој плански регион. Станува збор за најголем извозен регион во Република Македонија. Сето тоа ни дава право  висок приоритет во нашето работење да дадеме во поддршка на компании од овој регион и создавање на инфраструктурни услови за нивно понатамошно подобрување на економската позиција. Тука особено  се мисли на намалувањето на нивните трошоци и постигнување на конкуретност на нивните производи на западните пазари кои се доминантни за нивните извозни активности, рече Азески, кој во новоотворената канцеларија оствари средба со градоначалници и стопанственици од Вардарскиот плански регион.

Според него сето тоа треба да резултира со еден поттик во наредната година компаниите од регионот да остварат уште позначајни резултати, а Стопанската комора и локалните самоуправи да помогнат во тој процес.

-Тоа е основа на нашата главна преокупација да оствариме поголем раст на бруто домашниот производ и поголем извоз бидејќи Република Македонија како мала економија нема друга алтернатива. Посебно сакам да нагласам дека компаниите од Вардарскиот плански регион се водечки во работењето на Стопанската комора. Тие се наши најзначајни членки кои придонесуваат за подоброто работење на комората, нагласи Азески.

Регионалната стопанска комора беше формирана пред 6 месеци како резултат на потребите за економски развој на овој регион кој што има доминантна позиција во Република Македонија особено во извозот. Комората беше формирана на иницијатива на сопствениците од регионот.

Претседателот на Регионалната стопанска комора Митко Јанчев рече дека отварањето на канцеларија на комората во центарот на градот Кавадарци ќе значи поголема достапност на комората до бизнис секторот во регионот.

– Тоа секако ќе значи нивна поголема инволвираност во самото работење на Стопанската комора и учество во проекти, додаде Јанчев.

Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов се осврна на придобивките од формирањето на Регионалната стопанска комора и отворањето на нејзина канцеларија. Најави посета на општината Кемал Паша  која е индустриска зона на градот Измир во Турција,  со која неодамна Кавадарци се побратими.

– Основна цел ќе ни биде зближување на компании од збратимените градови и носење нови инвестиции во Кавадарци и пошироко, нагласи Панов.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП