29 март, 2024
ПочетнаЗДРАВЈЕНамирници кои го намалуваат стресот

Намирници кои го намалуваат стресот

hranastres1

Стресот е насекаде околу нас и колку и да се бориме да се заштитиме, нема човек кој не потпаднал под негово влијание. Сите знаеме дека тој влијае негативно врз здравјето и неретко е причинител на многу болести. Затоа, потребно е да ги знаеме сите начини на кои можеме да го елиминираме.

Ако често сте под стрес, наместо да посегнувате кон храни кои ќе му наштетат на вашето здравје и вашата линија, искористете ја храната во своја полза и направете го попаметниот избор. Еве кои храни ќе ви помогнат да го намалите нивото на стрес.

Млеко

Освен витамини Б12 и Б2, млекото содржи и многу антиоксиданси кои ги уништуваат слободните радикали што се асоцираат со стресот.

Млекото и млечните продукти релаксираат и даваат енергија. Тие се богати со протеини и калциум и го подобруваат здравјето на коските и мускулите. Калциумот може да делува како лек за анксиозност и помага за враќање на смиреноста, а исто така ја намалува и напнатоста во мускулите.

Боровинки

Во никој случај не ги избегнувајте боровинките ако сакате да водите здрав живот. Тие се богати со витамин Ц, кој што му помага на телото да се справи со стресот.

Боровинките содржат и многу растителни влакна кои го регулираат нивото на крвен притисок и ги ублажуваат грчевите и запекот што се појавуваат како резултат на стрес.

Бадеми

Вкусните бадеми се одличен сојузник во борбата против стресот. Тие содржат витамин Б2, витамин Е, магнезиум и цинк. Магнезиумот и витаминот Б2 го поттикнуваат создавањето на серотонин (хормонот на среќата), кој што го регулира расположението и го намалува стресот.

Познато е дека цинкот ги ублажува негативните ефекти на стресот, додека витаминот Е е супер антиоксиданс кој ги уништува слободните радикали поврзани со стресот и срцевите болести.

Авокадо

Авокадото е еден од најдобрите начини да го намалите крвниот притисок, затоа што содржи многу калиум. Всушност, половина авокадо содржи повеќе калиум, отколку една банана.

Во авокадото има и витамин Е и монозаситени масти, кои што одлично ќе се вклопат во вашите обиди да го намалите стресот.

Портокал

Стресот го намалува нивото на витамин Ц во телото, витамин кој што не се создава во организмот и кој што треба да го внесете преку исхраната. Витаминот Ц го подобрува имунитетот и го прави телото поотпорно во периоди на стрес. Исто така, побрзо го враќа во нормала нивото на хормонот на стресот – кортизол.

Риба

Лососот и другите мрсни риби, како харинга и скуша, се богати со омега-3 масни киселини, кои помагаат да се одржува нивото на кортизол и адреналин.

Омега-3 масните киселини се познати и по тоа што заштитуваат од срцеви заболувања.

Спанаќ

Спанаќот е одличен извор на магнезиум, а токму овој минерал го намалува нивото на стрес и го одржува телото во релаксирана состојба.

Овес

Консумирањето на јаглехидрати го помага создавањето на серотонин и кога јаглехидратите се апсорбираат бавно, нивото на серотонин е стабилно.

Овесот е богат со растителни влакна, кои го забавуваат испуштањето на јаглехидратите. Токму тоа води до подолготрајно производство на серотонин.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП