10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКратки вести од светот

Кратки вести од светот

najnovi-vesti1

Приштина – Со обраќање на премиерите на Косово, на Турција и на Албанија, Хашим Тачи, Реџеп Тајип Ердоган и Еди Рама, пуштен е во употреба новиот терминал на аеродромот „Адем Јашари“ во Приштина. Терминалот зафаќа површина од 42 илјади метри квадратни, а вкупната инвестиција изнесува 140 милиони долари. Капацитетот на аеродромот е пет милиони патници. Аеродромот под концесија  во 2010 година го доби турско-францусаката компанија „Limak Aeroport de Lyon”, за период од 20 години.

Белград – Првиот авион на компанијата „Ер Србија“ вчера изведе промотивен лет над Србија, во текот на кој го следеа три авиони на српската армија. „Ербас А319“ полета околу 15 часот од аеродромот „Никола Тесла“ во Сурчин кон Нови Сад. За време на летот, авионот го следеа воените авиони „супер галеб Г4“ и два авиони „миг 29“, кои извршуваат активности во рамки на редовната летечка обука „следење на цивилен авион“.

Белград – Министерството за финансии на Србија соопшти дека за потребите за субвенционирање станбени кредити се издвоени милијарда динари (730 милиони евра). Со тие пари се планирани субвенции за 1.700 станбени кредити што одговара на очекуваниот број кредити за оваа година, се додава во соопштението на Министерството за финансии. Средствата се обебзедени за непречено работење на Националната корпорација за осигурување на станбени кредити и во следната година.

Ниш – Италијанската компанија Дајтек која пред три години доби од градот Ниш бесплатно плац од 2,5 хектари и два милиона евра субвенции, се откажа од изградба на фабрика за производство на автомобилски цевки. Италијанската фирма соопшти дека се повлекува заради финансиски причини. Најсовремената фабрика за производство и на масла и мазиви за автомобилската индустрија требаше да стартува во 2012 година, а од 400 работни места 80 беа планирани за лица со факултетски дипломи.

Атина – Грците се речиси 40 отсто посиромашни отколку во 2008 година се вели во податоци кои ги откриваат ефектите од тешката рецесија и економските мерки за штедење што Владата ќе мора да ги продолжи и во следната година.  Бруто приходите се намалени за 29,5 отсто меѓу второто тримесечје на 2008 година и 2013 година, објави статистичката служба ЕЛСТАТ. Ако се додаде инфлацијата, падот е речиси 40 отсто. Платите се намалени за 34 отсто од второто тримесечие на 2009 година. Во истиот период Владата ја намалила социјална помош за 26 отсто.

Атина – Првата есенска распродажба во Грција ќе почне на 1 ноември и ќе трае девет дена, вклучувајќи го и 3 ноември – недела, кога продавниците исто така ќе бидат отвпрени. Tрговците со оваа нова мерка се надеваат дека ќе дојдат до профитот кој им е неопходен, со оглед на големиот пад на потрошувачката во целата земја поради економската криза. Тие се надеваат дека новиот есенски попуст, кој првпат се воведува, ќе им помогне да ја продадат својата есенска стока и да ја промовираат зимската по намалени цени. Според последните податоци на грчката агенција за статистика (ЕЛСТАТ), прометот на мало во јули годинава бил намален за 14,4 отсто во однос на истиот месец минатата година, иако во втората половина од месецот имаше летна распродажба.

Тирана – Албанската Влада одлучи да започне преговори со чешката компанија ЧЕЗ, со цел да се избегне спор пред Меѓународниот арбитражен суд. Албанската енергетска компанија КЕШ, во која 73 отсто од акциите се во сопственост на ЧЕЗ, остана без лиценца во јануари оваа година поради одлуката на Владата на поранешниот премиер Сали Бериша, кој ја обвини чешката компанија дека работи на штета на потрошувачите. По одземањето на лиценцата ЧЕЗ побара помош од Меѓународниот арбитражен суд. Новата албанска Влада одлучи да формира работна група за решавање на проблемот преку директни преговори и во соработка со ЧЕЗ, со цел да постигне вонсудски компромис.

Брисел – Околу 84 милиони лица во Европската унија или околу 17 отсто од населението на ЕУ, живеат под прагот на сиромаштијата, соопшти Европската комисија. Дваесет и шест милиони граѓани на ЕУ се невработени. Според оценките на ЕК процесот на излегување на Европа од кризата може да трае десет години. Учесниците на конференцијата, која се одржа вчера во Вилњус во организација на Европскиот економски и социјален комитет, предупредија дека финансиската и економската криза во ЕУ прераснала во криза на општеството и демократијата, како и во криза на довербата кон самата ЕУ.

Стразбур – ЕУ треба да ја суспендира својата програма со САД за следење на финансирањето на тероризмот (ТФТП), односно банкарските податоци на европските граѓани со кои раководи белгиското претријатие СВИФТ, по откритијата за активностите на американската Агенција за национална безбедност (НСА) на европска територија, пренесува дописникот на МИА од Стразбур. Резолуцијата која беше претставена од групата на социјалистите и демократите и Зелените/Европска слободна алијанса, беше усвоена со 280 гласови „за“, 254 беа против и 30 воздржани. Иако ЕП нема формални надлежности да ангажира суспендирање или откажување на еден меѓународен договор, според Резолуцијата „Комисијата треба да делува ако ЕП ја повлече својата поддршка на овај посебен договор“.

Стразбур – Европратениците го поништија намалувањето на инвестициите во корист на растот и борбата против невработеноста за буџетот од 2014 година. Тие исто така го вратија финансирањето на меѓународната политика, како помошта за Блискиот исток, сирските бегалци и додадоа нови средства за фондот за агенцијата за надворешно раковедење со границите – Фронтекс, јави дописникот на МИА од Стразбур. За предложениот буџет на ЕУ за 2014 година гласаа 480 пратеници, 119 беа против и 86 беа воздржани. Со ова ЕП предлага за 2014 година буџет од 142,6 милијарди евра за кредити за ангажирања и 136,1 милјарда евра кредити за плаќања.

Прага – Во вториот квартал од годината, Чешка го намали својот долг за 1,4 проценти, на 46,5 отсто од бруто домашниот производ (БДП), што е најголем значителен пад меѓу земјите-членки на ЕУ, јави дописникот на МИА од Прага. Според податоците на Канцеларијата за статистика на ЕУ, Еуростат, задолжувањето на земјите-членки во вторите три месеци од годината се зголеми на 86,8 отсто од БДП, додека во претходните три месеци изнесуваше 85,9 проценти. Зголемување на државниот долг забележале 19 членки на ЕУ.

Прага – Производството на автомобили во Чешка, оваа година ќе опадне за 4 до 5 проценти, јави дописникот на МИА од Прага. Според, предвидувањата на Асоцијацијата на автомобилската индустрија во земјата, до крајот на годината домашните фабрики ќе произведат 1,115 милиони автомобили, односно околу 60.000 помалку од лани. Трендот на опаѓање на автомобилското производство започна во 2011 година, кога е остварено рекордно производство од речиси 1,2 милиони автомобили.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП