Виенаската иницијатива за климатски промени и финансиска стабилност објави истражување кое е со наслов „Позеленување на финансискиот сектор во источна и југоисточна европска перспектива.“ Европската инвестициска банка го подржува ова истражување кое дава вредни сознанија и препораки за навигацијата низ сложеноста на ризиците поврзани со климата и поттикнување одржливи финансиски практики низ Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Од она што може да се забележи од истражувањето е значителното влијание на органичената достапност на податоците во овие региони на стариот континент, што предизвикува намалување на способноста на банките ефикасно да управуваат со климатските ризици, но и да го поткопуваат ефективниот надзор. Во истражувањето се додава дека големите коорпорации во Европската Унија успешно се адаптираат на барањата за обелоденување и ги исполнуваат зголемените барања на стандардите, за разлика од микро, малите и средни претпријатија кои се распространети во овие региони и тие честопати немаат доволно потребни информации за климатските промени, а со тоа и доволна свесност за финансиските ризици со кои допрва ќе се соочуваат.
„Извештајот ја нагласува критичната улога на финансискиот сектор во поттикнувањето на транзицијата кон поодржлива економија и постигнувањето на целите на ЕУ за зелена транзиција. Координираните напори за отклучување на потенцијалот за одржливо финансирање во регионите на ЦИЈИЕ се клучни за поттикнување на одржливиот развој. ЕИБ, како климатска банка на ЕУ е целосно посветена на обезбедување континуирана поддршка на бизнисите и олеснување на транзицијата кон обновливи извори“, велат од Европската инвестициска банка.
Во извештајот се нагласува дека катализатори во развојот на одржливите финансии кај земјите од централна, источна и југоисточна Европа би можеле да бидат локалните подржувачи во странска сопственост, пресликувајќи ги најдобрите практики на нивните матични земји. На тој начин експертите сматаат дека ќе се добие една сигурност дека матичните банки ќе ги применуваат своите рамки за управување со ризик врз подружниците. Исто така извештајот се однесува и на клучните регулативи и прашања за потребата од силен надзор и тестирање на активностите на банките поврзани со климатските ризици. Посочена е и декарбонизацијата на индустриските сектори со посебен акцент на секторот за електрична енергија идентификувајќи ги инвестициските бариери, регулативи и можности за финансирање на зелената транзиција.
Ова прашање е се поактуелно и на домашна сцена. Финансирањето на зелени инвестиции веќе станува рутина и на домашните комерцијални банки. Од Народната банка пак велат дека и натаму ќе продолжат со промовирање на зелените финансии, во рамките на своите надлежности. На нивната веб страна веќе има и објава за преглед на злените показатели кои се во согласност со предвидените активности во рамките на среднорочниот план на централната банка, во доменот на управувањето со климатските промени. Според Народната банка целта е да се подобри расположливоста на податоците за климатските промени, којашто е суштинска при изработката на анализи и носењето политики.
Инаку, според планот на Европската унија уделот на обновливите извори во побарувачката на електрична енергија треба да се зголеми од денешните 30 отсто на 50 отсто до 2030 година, за до 2025 година тој процент да надминува 75 отсто и да достигне фантастични 85 отсто произведена струја од зелена енергија.
И.П