Кубанските власти усвоија план за постепено елиминирање на системот со две валути, во рамките на реформите наменети за подобрување на економската состојба на оваа земја.
„Советот за министри усвои низа мерки кои ќе овозможат обединување на валутите, што е од суштинско значење за да се гарантира враќањето на вредноста на кубанскиот пезос и неговата улога како пари, односно како единица за пресметки, средство за плаќање и заштеда“, се наведува во соопштението на кубанската влада, пренесува Ројтерс.
Од 1994 година, односно по падот на Советскиот Сојуз, Куба има две службени валути, пезос и конвертибилен пезос.
Пезосот е за околу 25 пати послаб од својот конвертибилен имењак и главно е наменет за употреба од локалното население, додека конвертибилниот пезос е поврзан за доларот и него најчесто го користат странските туристи.
Според проценките на економистите, обединувањето на двете валути ќе биде постепен процес кој ќе трае една ипол година.