30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАММФ ја зголеми својата прогноза за светската економија

ММФ ја зголеми својата прогноза за светската економија

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) маргинално ја зголеми прогнозата за растот на светската економија оваа година, со силен раст на активноста во САД и Кина и ослабена еврозона под притисок на зголемените трошоци за задолжување.

За оваа година ММФ предвидува раст на светската економија од 3,2 отсто, само 0,1 процентен поен посилен од очекувањата во јануари, а со исто темпо би требало да расте и во 2025 година, пренесува Хина.

Зимските прогнози на ММФ ги опфаќаат само најголемите економии и групи на економии.

За споредба, просечниот раст на светската економија во периодот од 2000 до 2019 година изнесува 3,8 отсто.

„Светскиот економски раст го достигна дното на крајот на 2022 година и се лизна на 2,3 отсто. Според нашите последни проекции за светската економија, растот ќе остане стабилен оваа и следната година – на 3,2 отсто“, напиша на својот блог Пјер-Оливие Гуриншас, главен економист на ММФ.

Повеќето показатели и натаму сигнализираат мало забавување на растот, нагласи претставникот на ММФ, додавајќи дека предвидуваат помалку „лузни“ во економијата по кризите во изминатите четири години, но со разлики од земја до земја.

„Оддржливиот раст и наглото забавување на инфлацијата сигнализираат поволни движења на страната на понудата, вклучително и омекнување на шоковите во цената на енергијата и извонредно закрепнување на понудата на работна сила, поддржано во многу напредни економии од силната имиграција“, забележува главниот економист на ММФ.

Според последните пресметки на ММФ, глобалната трговија со стоки и услуги би требало да порасне за три отсто во 2024 година и за 3,3 отсто во 2025 година, нешто послабо од предвиденото во зимскиот извештај. Историскиот просек е 4,9 отсто.

Еврозоната ослабе

Најмногу од се, тие повторно ја подобрија прогнозата за американската економија, за која сега се предвидува раст од 2,7 отсто оваа година, посилна за 0,6 процентни поени отколку што пресметаа во зимските проекции. Во 2025 година би требало да забави до 1,9 отсто.

Силниот раст на САД во последно време се одразува на солидна продуктивност и зголемена вработеност, но и силна побарувачка, објаснува ММФ, додавајќи дека активноста е „прегреана“, што значи дека централната банка мора да биде внимателна при намалувањето на каматните стапки поради можно разгорување на инфлацијата.

Растот на цените би можел повторно да се забрза во еврозоната поради континуираниот силен раст на платите и тврдоглавото силно зголемување на цените на услугите, но нема многу знаци на „прегревање“, посочуваат тие.

Најголем раст се очекува во Индија

Економијата на 20-члената еврозона годинава треба да порасне за 0,8 отсто, прогнозираат тие, истакнувајќи дека шоковите од претходниот период и строгата монетарна политика ја кочат активноста. Во 2025 година растот ќе се забрза до 1,5 отсто.

Меѓу „големите“ економии во светот, Индија очекува највисок раст годинава, со стапка од 6,8 отсто, додека кинескиот БДП оваа година би требало да порасне за 4,6 отсто. Во 2025 година растот би требало да забави до 4,1 отсто.

Руската економија годинава би требало да порасне за 3,2 отсто, пресметале економистите, зголемувајќи ја прогнозата за 0,6 процентни поени. Во 2025 година, растот би требало значително да забави – до 1,8 отсто.

Како што се наведува во извештајот, македонската економија годинава ќе има раст од 2,7%, следната година 3,7% отсто, а во 2026 година од 3,5%.

Како што се наведува во извештајот, инфлацијата годинава ќе биде 4%, а во следните две години ќе се намали на  2,5% во 2025 година а во 2026 на 2%.

ММФ оценува дека во регионот земјава ќе има најнизок раст, и дека имаме висок буџетски дефицит и висок јавен долг.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП